Денес, во Собранието на Република Македонија пред пратениците се најдоа измените и дополнувањата на Законот за виното кој што во својата содржина нуди низа на олеснителни околности како за винариите, така и за лозарите во Република Македонија. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ ја даде својата поддршка и ги изгласа измените и дополнувањата на Законот за виното.
– Со овие измени и дополнувања на Законот за виното се врши доуредување на меѓусебните односи на производителите на винското грозје, трговците со винско грозје и производителите на вино од аспект на откупот на винско грозје за производство на вино, како и периодот, роковите и начинот на исплатата на откупеното винско гројзе. Основната цел на овие измени и дополнувања на овој закон е да се заштитат интересите на производителите на винското грозје и производителите на вино односно почитување на меѓусебните договорни обврски во насока на подобрување на функционалноста на пазарот на винското грозје и виното.
– За таа цел, измените и дополнувањата на Законот за виното предвидува дополнителни механизми на исплатата на винското грозје односно намалена цена до 8% за исплата на винско грозје во рок од 7 дена од приемот на истото или исплата на винското грозје на 3 рати од кои првата во висина од најмалку 20% најдоцна до 30 ноември во годината кога е извршен откупот, втората во висина од најмалку 40% најдоцна до 15 февруари наредната година и остатокот најдоцна до 30 април наредната година. Покрај ова, измените предвидуваат откупот на винско грозје за производство на вино да може да вршат производители на вино и трговци со винско грозје наменето за извоз, при што грозјето откупено од страна на трговци со винско грозје наменето за извоз да може да биде продадено и на производители на вино во Република Македонија само доколку за истото во целост се исплатени финансиските обврски кон производителот на грозје.
– Исто така, како мерка на претпазливост и заштита на меѓусебните односи при откупот и исплатата на винското грозје, со овие измени се предвидуваат и утврдуваат и казнени одредби во случај на непочитување или злоупотреба на соодветните одредби во законот. Како пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, задоволни сме што преку измените на овој закон значително ќе се подобрат условите при откуп и исплата на винското грозје со што во голема мера ќе значи заштита на интересите на производителите на винско грозје и производителите на вино, со цел подобрување на функцоналноста на пазарот на винско грозје и вино во Република Македонија, стои во соопштение на пратрениците на владејачката партија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.