Бројот на „бели националисти“ и луѓе кои себеси се дефинираат како „нацисти“ на „Твитер“ порасна за 600 отсто од 2012 година, со што драстично го престигна дури и бројот на симпатизери на Исламска држава, покажа истражување на Универзитетот „Џорџ Вашингтон“. Истражувачите од програмата за борба против екстремизмот, следеле и анализирале 18 профили кои им припаѓаат на големи расистички на националистички заедници како што се “Американска наци партија” и “Националсоцијалистичко движење”.
Повеќето од овие организации се наоѓаат во САД. Со анализа на овие интернет профили, истражувачите дошле до заклучок дека овие групи на друштвените мрежи забележале драстичен пораст на популарноста.
– Пред четири години, во 2012 година, имаа околу 3.500 следбеници, а сега тој број порасна на 22 илјади. Истовремено овие профили според растот на следбеници, луѓето кои коментираат, споделуваат или ретвитнуваат постови, ги надминаа дури и оние кои се поврзани со Исламска држава.
– На Твитер, омилената друштвена мрежа на ИД преку која се регрутираат најголем број борци, американските “бели националистички” организации се далеку напред во секоја категорија, од бројот на следбеници, до бројот на твитови, вели Џ. М. Бергер, раководител на истражувањето.
Најдоминантната тема меѓу неонацистите е таканаречениот “бел геноцид”, односно верувањето дека влијанието на која било друга етничка заедница освен белците и разновидноста во општеството водат кон “уништување на белата раса”. Твитер веќе со месеци е под притисок да постигне баланс помеѓу заштитата на слободата на говор, од една страна, и потребата на терористичките групи да им се затвори просторот за ширење на пораки со насилство и за регрутирање на следбеници.
Компанијата одлучи да згасне 360 илјади профили затоа што биле поврзани со екстремизам, но Твитер се уште е мрежа која екстремните улстрадесничарски партии најчесто ја користат.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.