Свечена академија и концерт со револуционерни песни се централни настани со кои годинава ќе бидат одбележани 25 години независност на Република Македонија. Ќе бидат одржани во Македонскиот народен театар во среда вечерта, во пресрет на државниот празник 8 Септември.
Тие ќе бидат дел од „Бела ноќ“ во која националните и локалните институции од културата во Скопје и во другите градови ќе се вклучат со настани бесплатни за посетителите. Нив денеска на прес-конференција ги соопштија министерката за култра Елизабета Канческа-Милевска и градоначалникот на Скопје Коце Трајановски.
На свечената академија на 7 септември од 20:30 часот во МНТ ќе се обрати претседателот Ѓорге Иванов, а по академијата ќе има ексклузивен концерт на кој премиерно ќе биде промовирано второто аудио издание „Непокор“ кое Македонската радиотелевизија го продуцираше со поддршка на Министерството за култура.
Најпопуларните македонски револуционерни песни во придружба на оркестар ќе бидат изведени од познати пејачи на народна и забавна музика, како Наум Петрески, Ѓоко Таневски. Димитар Андоновски, Наташа Малинкова, Виктор Апостоловски, Ленче Кукиќ, Сузана Турунџиева, Миле Кузмановски Катерина Танева, Горан Кукиќ, Наде Талевска и Ристо Самарџиев. Концертот во живо ќе го пренесува МРТ.
– Со временска дистанца од 25 години, денеска слободно можеме да кажеме дека направивме многу, со својата културна еманципација и национална свест ја воздигнавме Република Македонија во сите нејзини општествени сегменти, во политичкиот, правниот, економскиот систем, а со посебно задоволство ќе истакнам дека изградивме и еден систем на културни вредности кои не легитимираат во меѓународниот контекст и кои се наследство за сите генерации по нас, истакна на прес-конференцијата Канческа-Милевска, поканувајќи ги граѓаните да ги посетат музите, театарите и библиотеките кои ќе бидат отворени меѓу 7-ми и 8 септември.
Белата ноќ е по повод 8 Септември и ќе биде Бела ноќ во Република Македонија, а не само Бела ноќ во Скопје, рече градоначалникот Трајановски, најавувајќи ги настаните на институциите од културата под надлежност на Град Скопје на 7 септември вечерта кога доцна во ноќта ќе работат и угостителските објекти.
– Градот Скопје ќе се вклучи во одбележувањето на овој многу значаен датум за Република Македонија, преку своите културни институции. Тие ќе работат во рамки на своите тековни програмски активности во текот на денот и ноќта, без дополнителни финансиски средства, што ќе биде скромен придонес во одбележувањето на 25-годишнината од осамостојувањето на Република Македонија. Ќе работат и угостителските објекти, не само во Скопје, туку во сите градови во Македонија и, на некој начин, тоа ќе биде Бела ноќ во Република Македонија, истакна Трајановски.
Националните и локалните установи од културата во Скопје ќе понудат различни содржини во Белата ноќ. Во МНТ пред и по свечената академија и концертот ќе бидат изведени претставите „Парите се отепувачка“ (од 18 часот) и комедијата „Свадбата на Фигаро“ (од 23 часот), а музејот во МНТ ќе биде отворен 24 часа за посетители.
Операта и Балетот на 7 септември ќе имаат гостувања во Битола и Белград, така што тој ден МОБ на платото ќе организира претстава за деца „Малата волшебна флејта“. Драмски театар-Скопје на 7 септември ќе ја изведе „Госпоѓица Јулија“.
Музејот на современата уметност ќе работи продолжено до 22 часот и ќе прикажува документарни филмови. Претходниот ден, 6 септември, во МСУ ќе се одржи донаторска аукција на дела од познати македонски автори, од која средствата ќе им бидат донирани на семејствата од Стајковци и Арачиново.
Конгресниот центар „Александар Македонски“ ќе организира настапи на музичари, групи и уметници на пет плоштади во центарот на Скопје почнувајќи од 19 часот. Градската библиотека „Браќа Миладиновци“, пак, по повод Денот на независноста ќе им доделува бесплатни членства на сите првачиња на територијата на Скопје. Бесплатното зачленување на 7 септември нема да биде само во матичната библиотека, туку во сите централни библиотеки и во сите 14 клонови што ги покрива „Браќа Миладиновци“.
Изложби, концерти, претстави ќе има и во Младинскиот културен центар, Културно-информативниот центар, Театарот за деца и младинци и театарот „Комедија“, Музејот на Град Скопје, Детскиот културен центар „Карпош“, Домот на културата „Кочо Рацин“.
Одбележувањето на 25-те години независност, Државниот архив на Република Македонија го почна уште денеска со претставување значајни историски документи на изложба на плоштадот „Македонија“.
Покрај „Бела ноќ“ на 7 септември, која е по повод Денот на независноста, во Скопје и годинава ќе ја има стандардната „Бела ноќ“ која, како и во европските метрополи, ќе се одржи на 1 октомври.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.