Учениците од поплавените подрачја ќе добијат училиштен прибор, кој до училиштата ќе биде дистрибуиран во наредните денови. Мерката ја најави Владата на РМ и ќе ја спроведе Министерството за образование и наука.
– Обезбедена е компанија што ќе изврши дистрибуција на училишниот прибор во наредните денови до учениците во местата што беа поплавени. Веќе се комплетираат пакетите соодветно на возраста, односно на одделението на учениците. Деновиве очекуваме да заврши финалното доставување на списоците од страна на комисијата и на општинските власти, кои треба да ги потврдат. Има ученици што се во поплавените места, но не посетуваат настава во тие училишта. Внимаваме и тие деца да бидат опфатени со оваа мерка и на сите ученици што беа зафатени од немилиот настан да им биде доделен училиштен прибор и ранец – рече заменикминистерот за образование и наука Спиро Ристовски.
МОН ги очекува податоците и конечниот број на ученици што ќе бидат опфатени со мерката, а кој се движи меѓу 3.500 и 4.000 ученици. Тие следат настава во 14 училишни објекти од кои поголем број се подрачни основни училишта.
Ристовски посочи дека е тековна и навремена дистрибуцијата на количините на бесплатни учебници, кои се препечатени за да ги заменат оштетените. Проектот бесплатни учебници МОН го спроведува седум години. Информираше и дека е исполнет планот за реконструирање, реновирање и доградување на 60 училишни објекти до крајот на летниот распуст.
– Завршени се и училишните објекти во ОУ „Невена Георгиева – Дуња“ во Кисела Вода и „Димитар Поп Георгиев Беровски“ во Хром. Од викендов почна дистрибуцијата на училишните клупи и столчиња, така што во најбрзо време го очекувам функционирањето на тие два нови објекта кои беа исклучително големи барања на локалното насление – додаде Ристовски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.