Тим од 6 американски специјалци од единицата позната како “SEAL” (Морски фоки) на 2 март 2002 година се нашол опколен од борци на Ал Каеда на врвот на планината Такур Гар во Авганистан. Тие делувале како дел од воената операција Анаконда.
По жестока престрелка со терористите, еден од војниците, наредникот Џон Чепмен, лежел со пушката на гради, ранет во снегот додека во близина детонирале гранати и летали куршуми. Кога уште еден од неговите луѓе бил погоден, командантот Слабински сфатил дека веднаш мора да симнат од планината.
Уште еднаш го погледнал Чепмен, кој лежел, а пушката која му стоела на градите воопшто не се помрднувала. Му го проверил пулсот, а потоа брзо тргнале надолу.
Денес, по повеќе од 14 години од тој ден кога загинале 7 американци, од воздухопловите сили на САД признаваат дека Слабински погрешил.
Наредникот Чепмен не само што бил жив, туку се борел уште еден цел час откако неговите луѓе го оставиле на цедило, пишува Њујорк Тајмс.
На авионските снимки се гледа дека Чепмен убил уште четворица терористи пред да загине. Потоа постхумно бил предложен за Медал на честа, највисокото воено одликување кое го доделува армијата на САд.
Сепак, ова би можело да отвори рани во елитната специјална единица SEAL, која тврди дека не ги остава своите ранети војници.
– Такви работи се случуваат во борба, но ова навистина е нешто страшно. Некој да мислел дека Чепмен е жив, ние ќе го превртевме небото и земјата за да го извлечеме оттаму, изјавил Гери Харел, пензиониран командант на Делта силите кој и самиот учествувал во акцијата.
Командантот Слабински денес има 46 години и е во пензија. И тој самиот признал дека можеби погрешил во проценката кога рекол дека Чепмен е мртов.
– Сите ќе речат дека е моја кривица што сум го оставил Чепмен жив. Тоа е јасно, но ситуацијата беше многу комплицирана, изјавил тој.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.