| четврток, 6 декември 2018 |

Инвестиција од национален интерес: Почна изградбата на гасоводот на делницата Штип-Неготино

 Магистралната гасоводна мрежа од Штип до Неготино во должина од 36 километри почна да се гради денеска. За неа ќе бидат инвестирани околу 16 милиони евра, а ќе ја гради македонски конзорциум предводен од кумановски „Рапид билд“ заедно со уште четири компании – „Ел-Те“, „Сектартермо“, „Чакар партнер“ и „Квалитет пром“.

gasovod 3

Гасоводната мрежа Штип – Неготино се надоврзува на гасоводот Клечовце – Штип чија изградба во должина од 61 километар заврши минатиот месец, а беа инвестирани 75 милиони долари.

Се очекува изградбата на делницата Штип – Неготино да заврши до крајот на следната година.

gasovod dimitriev 2

На почетокот на градежните активности присуствуваа премиерот Емил Димитриев, министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и директорот на Македонски енергетски ресурси Крсте Миладинов.

Во своето обраќање премиерот Димитриев оцени дека изградбата на националниот гасоводен систем е од огромно значење за државата, а ќе придонесе и за подобрување на економскиот раст и развој на сите региони.

gasovod dimitriev

– Реализацијата на овој проект ќе значи дополнително олеснување во работата на индустриските капацитети, на компаниите во нашата држава, бидејќи со гасификацијата директно се придонесува за подобрување на условите за производство поради поевтиниот енергенс што само по себе ќе продуцира и подобрување на конкурентноста и извозот на нашите производи во странство. Таквите процеси ќе овозможат нов развој на домашната економија, развој како на постоечките, така и на нови компании во различни индустриски гранки и ќе создадат нови работни места во нашата држава, нагласи Димитриев.

gasovod gruevski

Паралелно со изградбата на оваа делница во текот на следниот месец се очекува да започне и изградбата на гасоводните делници Неготино – Прилеп – Битола и Скопје – Тетово – Гостивар со што ќе се заокружи првата фаза од изградбата на националната гасоводна мрежа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top