| четврток, 6 декември 2018 |

Кошаркарите на Македонија на контролни натпревари во Словенија

Македонската кошаркарска репрезентација само два дена по завршувањето на турнирот „Трофеј Македонија“, продолжува со одигрување на пријателски средби во рамките на подготовките за настап на квалификациите за пласман на Евробаскетот 2017.

„Црвено-жолтите“ од денеска до четврток на гости во Марибор ќе одиграат три пријателски средби (две отворени и еден затворен меч за јавноста) против репрезентацијата на Словенија.

Селекторот Драган Раца на располагање ќе ги има сите 13 кошаркари кои повеќе од еден месец се на подготовки. Тоа значи дека на дуелите со Словенија ќе настапи и нашиот највисок кошаркар Марко Дујковиќ (226 сантиметри) кој поради дисторзија на скочниот зглоб ги пропушти дуелите на „Трофеј Македонија“.

Првиот меч против Словенија нашиот национален тим ќе го игра вечерва од 21 часот во салата „Табор“ во Марибор.

Утре македонските кошаркари ќе одработат и еден тренинг претпладне, а вечерта од 19 часот ќе играат и затворен меч за јавност против домашната селекција на Словенија.

Во среда Македонија и Словенија ќе играат уште еден пријателски натпревар од 21 часот, кој директно ќе биде пренесуван на националната телевизија на Словенија.

За македонските кошаркари дуелите со Словенија ќе бидат последните контролни средби пред стартниот натпревар против Луксембург во квалификациите за пласман на Европското првенство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top