| четврток, 6 декември 2018 |

МЕПСО официјално го вклучи реконструираниот далекувод Скопје – Тетово

АД МЕПСО денеска во Јегуновце го означи вклучување на реконструираниот далекувод Скопје – Тетово со краците кон трафостан во Теарце и Јегуновце со што се одговара на растечките потреби за потрошувачка на електрична енергија во полошкиот регион и се обезбедува непречено, доверливо и стабилно снабдување на сите потрошувачи со квалитетна електрична енергија на среден рок.

Должината на далекуводот изнесува 48 километри, а вредноста на инвестицијата надминува 4 милиони евра. Поставени се 187 столбови од кои новоизградени се 158 со кои се заменети старите столбови кои беа во употреба над 60 години. Освен интервенцијата на столбовите, поставени се и нови спроводници за пренос на електрична енергија, изолатори, овесна и спојна опрема.

gruevski-768x532

Во рамки на овој проект извршени се приспособувања во сите трансформаторски станици што ги поврзува овој линиски енергетски објект при што е поставена потребна современа примарна и секундарна високонапонска опрема. Значајна модернизација е извршена и во трансформаторската станица „Југохром“ во Јегуновце каде што, во рамки на овој проект, во целост е модернизиран собирничкиот систем на 110 киловолтно напонско ниво.

На пуштањето во употреба на далекуводот присуствуваа претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, генералниот директор на МЕПСО Синиша Спасов и градоначалникот на општина Јегуновце Тони Коцески.

Спасов оцени дека денешниот ден за компанијата претставува еден еден ден на успехот.

– Денеска можам да кажам без задршка дека жителите и стопанствениците од полошкиот крај може да спијат мирно. А ние можеме да уживаме во нашето дело, и да ја споделиме радоста и задоволството за успешно и навремено завршениот стратешки важен преносен капацитет, истакна Спасов.

Тој додаде дека завршувањето на овој проект за персоналот на МЕПСО од одржувањето значи пренасочување на своите активности на други помалку критични точки. – Вклучувањето на реконструираниот далекувод од Скопје-Јегуновце-Теарце-Тетово значи помалку грижи на монтерите, вклопничарите и погонските електричари, но и за оперативните водители на националниот диспечерски центар. Значи и можност инженерите да се посветат на реализацијата на проектите предвидени во нашата развојна програма вредни над 100 милиони евра за следниот десетгодишен период. Сега ги забораваме сите премрежја и тешкотии со кои се соочивме. Побогати сме за уште едно големо искуство, истакна Спасов.

Спасов во обраќањето истакна дека МЕПСО во своето постоење како независен систем оператор од 12 години непрекинато ги реализира врвните приоритети. – Во континуитет работиме на осовременување, надградба, модернизирање и зајакнување на националната преносна мрежа со цел зголемување на сигурноста на работата на електропреносната мрежа, а преку тоа и испорака на електричната енергија до крајните потрошувачи во потребен обем и квалитет. Олеснувањето на достапноста на електричната енергија треба да влијае позитивно и врз формирањето на нејзината цена преку зголемување на конкурентноста кај продавачите на електрична енергија, рече Спасов и додаде дека со тоа компанијата обезбедува предуслови на економски раст и развој како на националната економија, така и на локалниот развој и придонесува за зголемување на благосостојбата на македонското општество во целост.

Посочи на резултатите и проектите остварени во изминатите четири години откако е на чело на оваа компанија вредни 70 милиони евра и најави дека МЕПСО во текот на минатиот месец е потпишан договор за проектирање на далекуводот кој ќе претставува интерконекција на македонскиот со албанскиот електропреносен систем и нова 400/110 трафостаница во близина на Охрид.

Вредноста, како што појасни, на овој договор е 900 илјади евра, средства кои се добиени како грант со подршка од Европската банка за развој и обнова. Тимот на германската компанија Фихтнер која за партнер ја има македонската компанија Геинг е воведен во работата и договорено е целосната проектна документација да биде изработена и предадена до август следната година по што ќе се пристапи кон постапка за градба на инвестицијата.

dalkuvod

Градоначалникот Коцески официјалното пуштање во употреба на далекуводот го оцени како инвестиција со која се подобрува енергетската сигурност во полошкиот регион во наредните 20-тина години и додаде дека многу ќе значи за општината, а особено за капацитетите на Југохром.

– Со овој проект ќе се овозможи не само подобро снабдување во нисконапонската мрежа за домаќинствата, туку и за развој на нови компании и квалитетно снабдување со електрична енергија за големиот индустриски капацитет Југохром кој е едне од најголемите потрошувачи во Македонија. Овозможувањето на непречено производство на Југохром и другите индустриски капацитети во општината ќе значи и дополнително намалување на бројот на невработени кој и сега е под државниот просек, рече Коцески.

Проектот за реконструкција на далекуводот Скопје – Тетово го финансираше Светска банка, изведувач на работите е Енергомонатажа од Белград, а техничкиот надзор беше на конзорциум од Техничкиот факлутет Битола, Столб Битола и Елнос од Бања Лука.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top