| четврток, 6 декември 2018 |

28 години затвор за петмина струмичани поради разбојништво врз мигранти

Петмина струмичани добија 28 години затвор за разбојништво кое го извршиле врз група мигранти., пишува „Вест“. Тие се спогодиле, го признале делото пред Обвинителството, по што постигнале спогодба, а Основниот суд-Велес им ги изрекол казните. Џошкун Асанов и Рифат Асанов добија по 6 години и три месеци затвор, Зија Вејселов доби 5 години и седум месеци, а Бурјан Вејселов и Доан Алеив по 5 години и три месеци. Петте лица, како сторители на 16 декември минатата година околу 18 ч., во близина на селото Ѓавато, кај локалниот пат кон Богданци, со сила одзеле 270 евра и два мобилни апарати “самсунг галакси” и “хуавеј”, сопственост на тројца марокански мигранти. Откако бегалците илегално ја минале грчко-македонската граница, лицето кое им помогнало да влезат во Македонија ги повикал обвинетите кои ги пресретнале мигрантите. Ги нападнале трите лица, им ги врзале рацете со селотејп лента, започнале да ги удираат со клоци и тупаници по телото, одземајќи им ги парите и двата мобилни телефони, по што избегале. Мигрантите се ослободиле, случајот бил пријавен во полиција, која ги открила сторителите кои биле идентификувани од оштетените. Разбојниците беа во притвор и додека преговараа со Обвинителството за висината на казната, на Џошкун Асанов, на денот кога ја потпишувал предлог спогодбата за висината на казната, му се родил син.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top