
Обидот на Бугарија да издејствува висока американска почест за спасувањето на еврејската заедница во Втората светска војна наиде на протест од страна на Музејот на холокаустот во Вашингтон.
Бугарија покрена иницијатива што во овој момент се разгледува во Советот на градот Вашингтон, мал плоштад во американскиот главен град да биде именувана по Димитар Пешев, министерот за правда во времето на Втората светска војна, кој се смета за заслужен што бугарските власти се откажале од депортирањето на околу 50.000 бугарски Евреи во германските логори на смртта.
Но, како што јави дописникот на МИА од Вашингтон, Музејот на холокаустот укажува на депортирањето на околу 11.000 Евреи од териториите што биле окупирани од страна на Бугарија, со што почеста за Пешев се доведува во прашање.
Спорот од вчера е отворен од страна на агенцијата „Асошиејтед прес“, а во него се вклучи и бугарскиот претседател Росен Плевнелиев, кој неодамна го посети Вашингтон и беше почесен гостин на 100-годишнината на Американската лига против клеветите (АДЛ), најстарото здружение што се бори против гонењето на еврејската заедница.
– Бугарите во исто време беа херојски спасители, но и сурови прогонувачи и брутални убијци – изјави Мајкл Беренбаум, професор по еврејски студии на Американскиот еврејски универзитет во Лос Анџелес.
Неговиот повик е на линија на барањето на Музејот на холокаустот, од каде што со писмо побарале да бидат разгледани сите страни од односот на тогашна Бугарија кон еврејската заедница, пред да се донесе одлука плоштадот пред Амбасадата на Бугарија во центарот на Вашингтон да го носи името на Пешев.
Во текстот на „Асошиејтед прес“ се укажува дека, покрај тоа што ја информирал јавноста за тоа што им се подготвува на Евреите и обезбедил поддршка да се спречи тој план, Пешев бил и водач на партија што предложила дополнителни даноци за Евреите, а во Бугарија Евреите за време на војната биле принудени да носат Давидови ѕвезди на рацете и биле принудувани на тешки работни задачи.
Претседателот Плевнелиев во своето обраќање пред АДЛ ја истакна „храбрата одлука“ на бугарските власти да го одбијат барањето на Хитлерова Германија да ја предаде големата еврејска заедница. Во своето обраќање, Плевнелиев се осврна и на судбината на Евреите од деловите на Македонија, Србија и Грција, кои биле под бугарска окупација, при што изрази жалење.
– Во Втората светска војна Бугарија стори нешто што ниту една друга нација во Европа не можеше да го стори – успеа да го спаси целото свое еврејско население, од безмалку 50.000 луѓе. За жал, Бугарија беше во ситуација во која не можеше да го направи истото и за Евреите од северна Грција и од деловите на Југославија, кои не беа бугарски граѓани. Длабоко жалам за загубата на нивните животи, како и за сите жртви на холокаустот, кои секогаш ќе ги паметиме – изјави Плевнелиев на собирот на АДЛ во Вашингтон.
Во текстот на Асошиејтед прес се посочува дека бугарската војска во окупираните територии активно ги депортирала Евреите во Германија.
„Овој бездушен и измамнички обид да се изврти историјата на бугарските Евреи е навредлив за жртвите на Холокаустот и го нарушува угледот на Бугарија, за која до неодамна се сметаше дека е земја што правилно им пристапува на мрачните сенки од нејзиното минато“, пишува во писмото на Раду Јоанид, од Музејот на Холокаустот во Вашингтон, упатено до бугарската амбасада.
Јоанид особено реагира поради обидите на Бугарија да се претстави како земја што во Втората светска војна била окупирана од нацистите, а не како нивен сојузник во најголем дел од војната, и секако, поради ставот на Бугарија кон депортирањето на македонските и грчките Евреи. Ставот на Бугарија кон ова прашање е наведен како „изразување на жалење, но не и на одговорност” за судбината на овие еврејски заедници.
Бугарските власти изминативе години остро реагираа против снимањето на македонскиот филм „Трето полувреме“, во кој се дава приказ на протерувањето на Евреите од Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


