Хрватскиот интернационалец Иван Чупиќ (30) е нов член на Вардар, каде што треба да остане во следните четири сезони. Европскиот првак, кој во мај на завршниот турнир во Келн како член на Кјелце го освои трофејот, доаѓа во Скопје како засилување на десната крилна позиција.
Чупиќ е четвртото засилување за Вардар во новата сезона и ќе игра заедно со Даниил Шишкарев на десната страна. Хрватското крило зад себе има искуство во играње во повеќе европски клубови и сезонава стана европски првак со Кјелце. Сезонава во Лигата на шампионите постигна 67 гола. Како член на Кјелце постојано ја освојуваше двојната круна во Полска.
Со Кјелце двапати претходно играше и на завршниот турнир во Келн, а сезонава стана европски првак. И со германски Рајн Некар во сезоната 2010/2011 играше на Ф4 турнирот, и тоа во финалето кога Кјелце загуби од Барселона.
Од 2009 година постојано е дел од сениорската репрезентација на Хрватска. На Олимпијадата во Лондон 2012 година беше втор најдобар стрелец.
– Задоволни сме што во нашите редови во иднина ќе имаме играч кој бил европски првак и го знае тоа чувство. Вардар има амбиции да се искачи што е можно погоре на ракометниот европски врв и секогаш сака да ги има во своите редови оние што можат да му помогнат во остварување на таа цел. Веруваме дека Иван брзо ќе се вклопи во нашиот тим и заедно со Даниил Шишкарев ќе бидат одличен тандем на позицијата десно крило – изјави Давор Стојаноски, извршниот директор на Вардар.
Иван Чупиќ ќе ѝ се приклучи на екипата по завршувањето на Олимписките игри во Рио, каде што настапува за репрезентацијата на Хрватска, заедно со Игор Карачиќ и Лука Циндриќ. Иван е татко на три девојчиња, а последната принова во семејството со сопругата Нера ја добија на почетокот на март годинава.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.