| четврток, 6 декември 2018 |

Сто проценти обештетување на настраданите од поплавите – Владата донесе сет мерки

????????????????????????????????????

Обезбедување на сто процентно обесштетување на граѓаните од кризните региони за штетите предизвикани од поплавите е прва од пакетот од вкупно осум мерки што Владата на денешната седница ги усвои, а се наменети за настраданите во поплавените подрачја од Скопскиот регион.

Првата мерка за обештетување на граѓаните од кризните региони за штетите предизвикани од поплавите, значи, како што истакна на денешната прес­конференција во Владата вицепремиерот и министер за здравство Никола Тодоров, дека граѓаните ќе бидат обештетени во целост, односно се што комисијата за проценка ќе го евидентира за оштетено, 100 процентно ќе биде надоместено.

Мерките вклучуваат и покривање на партиципацијата на здравствените услуги на сите нивоа во зафатените подрачја, ослободување на домаќинствата од плаќање месечни издатоци за вода и ѓубретарина во период од три месеци, еднократна парична помош за набавка на училишен прибор за сите деца во основно образование од кризните региони.

Со мерките се предвидува и овозможување бесплатна изработка на елаборат за постапката за легализација за семејствата од погодените региони од невремето кои не извршил легализација на своите куќи, зголемување на паричната помош во следните три месеци за 50 проценти за семејствата погодени од поплавите кои се приматели на парични права од социјална и детска заштита, односно социјална парична помош, постојана парична помош, додатоци за мобилност за слепило и за глувост, помош и нега од трето лице и посебен додаток за деца со пречки во развојот.

Седмата мерка е обезбедување на 30 тони јачмен од државните резерви кои ќе бидат наменети без надомест, за сточна храна за земјоделците од погодените регионот кои имаат потреба од ваков тип на поддршка. Последната мерка од овој пакет е во насока на излегување во пресрет на барањата на земјоделците кои имаат земјоделски посеви во погодените региони. ­

-Ќе им овозможиме бесплатна анализа и испитување на почвата, процес во кој што ќе биде потребно да се утврдат и можните потреби за нејзино прочистување- рече министерот Тодоров.

-Ова е особено значајно, како што кажа, за продолжување на планско земјоделско производство. Пакетот од осум мерки е само дел од целокупниот процес на санација на штети и помош и поддршка за настраданите граѓани- рече Тодоров, најавувајќи дека за во иднина Владата разгледува и други мерки во најразлични области.

Тодоров потенцираше дека имајќи ја предвид големината на природната непогода нејзината разорност, и големиот број домаќинства кои се опфатени, како и степенот на оштетеност, Владата целосно е посветена кон овозможување на комплетна помош и поддршка на настраданите опфаќајќи различни сегменти кои директно или индиректно ќе бидат од полза и конкретна корист. ­

-Тоа се конкретни чекори и мерки со кои покажуваме грижа за сите наши сограѓани на кои во овие моменти од исклучителна важност им е искрената поддршка во секој сегмент од секојдневното живеење- истакна Тодоров. Усвоените пакет мерки се дел од заложбите на Владата за побрзо и поефикасно нормализирање на состојбите, санација на штетите, но и помош и поддршка за настраданите граѓани.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top