| четврток, 6 декември 2018 |

Прилепчанец преку лажен профил на „Фејсбук“ мамел деца да се сликаат голи

facebook-dete

Основното јавно обвинителство – Прилеп почна постапка против 30-годишен прилепчанец, кој се сомничи за сторено кривично дело производство и дистрибуција на детска порнографија  од чл.193-а ст.3 во врска со ст.2 од Кривичниот законик.

Според кривичната пријава доставена од МВР – Полициска станица – Прилеп, за лицето постои основано сомнение дека од втората половина на 2012 година до 10.8.2016 година преку компјутерски систем набавувал за себе и поседувал детска порнографија.

Тој на социјалната мрежа „Фејсбук“ регистрирал лажен профил со лажно име, на кој на насловната страница поставил фотографија од девојче од Република Хрватска како корисник и преку тој профил остварувал електронски контакти со деца. Притоа ги намамувал да се фотографираат по долна облека и голи, да ги фотографираат интимните делови од телото и направените фотографии да му ги доставуваат преку електронска комуникација.

Фотографиите подоцна ги преземал и ги складирал во своите компјутери, каде што складирал и видеоклипови со детска порнографија. Осомничениот во одредени ситуации со децата со кои остварувал контакти преку електронската комуникација барал да остварат и непосредни контакти со намера со нив за одредена парична награда да оствари полови дејства.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд во Прилеп поднесе Предлог за определување на мерка притвор за осомничениот.  Судијата на претходна постапка го прифати предлогот и на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top