| четврток, 6 декември 2018 |

ССМ соопшти: Седум слободни денови за работниците од поплавените подрачја

ssm-768x422

Сојузот на синдикати на Македонија денеска соопшти дека заедно со Организацијата на работодавачи на Македонија потпишале спогодба за измена на Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството со која во случај на елементарна непогода бројот на слободни денови се зголемува од три на седум дена.

Со Спогодбата е дадена и можност бројот на слободни денови дополнително да се зголеми во случај на прогласување вонредна или кризна состојба поради елементарни или друг вид непогоди. Ваквата измена на Општиот колективен договор, како што појаснува Синдикатот, е направена имајќи ги предвид последиците од елементарната непогода која ја погоди Македонија во саботата.

– Со ваквите измени и дополнувања на Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството, ССМ и ОРМ, како најрепрезентативни социјални партнери од приватниот сектор, изразија подготвеност да помогнат во справување со последиците од елементарните непогоди, се наведува во соопштението од ССМ.

За спроведување и контрола на примената на Општиот колективен договор за приватниот сектор од  областа на стопанството директно ќе се вклучи и ќе биде надлежен Државниот инспекторат за труд.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top