Екипите на штабот за заштита и спасување и денеска делуваа на терен со сета расположлива човечка сила и механизација на терен во насока на расчистување на последиците предизвикани од големото невреме кое го зафати Скопје. Вода за пиење од цистерни и флаширана вода редовно се доставува со сите пунктови во населените места од територијата на Општина Гази Баба кои беа најмногу погодени од невремето, а со механизација (цистерни и пумпи) се црпеше вода од поплавените дворови и куќи. Дополнително, отворени се пунктови за помош на настраданите во основните училишта „25 Мај“ и „Наум НаумовскиБорче“. На терен се и екипи од Црвен крст, АРМ како и голем број на волонтери кои им помагаат на граѓаните и помагаат во дистрибуцијата на помошта, соопшти Град Скопје.
Градоначалникот Коце Трајановски во просториите на ОУ „Дане Крапчев“ одржа координативен состанок со претставници од армијата, Дирекцијата за заштита и спасување и со претставници од месните заедници од овие скопски села. Заедно со министри во Владата на Република Македонија, тој посети поголем број населени места каде се нанесени поголеми штети од невремето, како Инџиково, Црешево, Смилковци, Виниче и Страчинци во Општина Гази Баба, Горно Лисиче во Општина Аеродром и Волково во Општина Ѓорче Петров. Во повисоките населени места во Гази Баба, Виниче, Црешево и Страчинци, поројните дождови предизвикаа голема материјална штета, пред се на патната инфраструктура. На овие средби жителите ги посочија местата каде треба приоритетно да се интервенира, наведува Град Скопје.
Град Скопје потсетува на Одлуката донесена вчера за давање парична помош во износ од 180.000 денари за секој починат член од семејствата погодени од завчерашното невреме.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.