| четврток, 6 декември 2018 |

Нацијата старее, ризикот од остеопороза расте

Во Македонија околу 100 илјади луѓе се заболени од оваа подмолна болест

Нацијата во Македонија старее, а со тоа бројот на заболени од остеопороза се зголемува. Децата малку се движат, „заковани“ се пред комјутер, се почесто имаат прекумерна тежина, јадат брза храна која е пресолена. Нивната исхрана е богата со слатки, но не и со сирење, млеко, јогурт…и со тоа ризикуваат да заболат од остеопороза во подоцнежните години. Затоа стручните лица апелираат за здрава и разновидна исхрана, богата со калциум, со витамин Д, многу движење и вежби, да се избегнуваат алкохолот и цигарите. Ако сега не се превенира, посебно кај младите тогаш многу е веројатно дека по педесеттата година овие деца ќе заболат од оваа подмолна болест.

остепороза

– Возрасната структура во Македонија се менува. Според статистиките, поголема е возрасната популација, на сметка помладата. Наталитетот е намален, населението во Македонија е сѐ повозрасно и сево ова оди во прилог дека на Македонија и се заканува остеопорозата – вели професор д-р Снежана Марковиќ–Темелкова, претседателка на македонското здружение за остеопороза.

Остеопорозата предизввикува намалување на коскената маса поради што коските се склони на кршење. Најчесто ова оваа болест страдаат жени над 50 години, но и меѓу машката популација има заболени.

–  Иако остеопорозата е најчесто апостофирана како болест која ја напаѓа жената, и мажите боледуваат од неа, иако поретко, бидејќи нивната конституција е поинаква. Тие физички се поголеми, покрупни, поцврсти. Но, тоа не значи дека тие не кршат коски. Нацијата во Македонија старее и затоа е поголем бројот на лицата заболени од оваа болест. Ова е болест која нема симптоми сѐ додека не се случи првата скршеница и затоа на неа треба да мислиме превентивно – додава проф. д-р Марковиќ – Темелкова.

остеопороза1

Точен број на заболени од оваа тивка епидемија во Македонија нема, но според статистиките од надвор и според бројот на жители во државата постари од 50 години, во Македонија околу 100 илјади луѓе се заболени од остеопороза. Според д-р Марковиќ – Темелкова постојат фактори на кои можеме и фактори на кои не можеме да влијаеме во развојот на болеста.

-Не можеме да влијаеме на полот, на возраста, на расата. Тоа се три големи ризици на кои не можеме да влијаеме. Но, затоа пак можеме да влијаме на начинот на живот, мораме да бидеме физички поактивни, да се храниме здраво, да внимаваме на внесувањето на калциумот и витаминот Д во исхраната. Тие се пресудни за иднината на нашите коски. Препорачливо е да се избегнуваат цигарите и алкохолот, мрсната храна, храната богата со слатки, посебно кај децата – советува д-р Марковиќ-Темелкова.

Децата се ризичен фактор, посебно оние со прекумерна тежина, кои помалку се движат, не се физички активни, јадат брза храна, слатки, а премалку млеко и млечни производи. Според препораките од лекарите, дневно е потрено да се испие литар млеко или јогурт и да се изеде 250 грама сирење за да се задоволат потребите на организамот за калциум. Ретко дека некој човек може да конзумира толку многу млеко, јогурт или сирење дневно, но затоа пак има додатоци во исхраната кои тоа можат да го надополнат.

Во светот на три секунди по една скршеница

остеопороза2

Остеопорозната е метаболно заболување на коскениот систем, чија основна каракетристика е намалување на коскената маса по единица волумен и структурни нарушувања во самото коскено ткиво. Тоа доведува до постепено намалување на еластичноста на коските и до појава на скршеници, посебно во пределот на бутот и зглобовите. Овие скршеници се јавуваат и при мал физички напор или повреда. Во потешките форми на остеопорозата може да дојде до искривување на ‘рбетот.

Во светот поради остеопороза на секои три секунди има по една скршеница, а на секои 22 секунди по една скршеница на ‘рбетните пршлени. Една од три жени, како и еден од пет мажи постари од 50 доживуваат скршеници поради остеопороза.

Во Македонија годишно има околу 10 илјади остеопоротични скршеници. Трошоците на здравствениот систем за третирање и згрижување на овие скршеници би изнесувале над осум милиони евра годишно со тенденција за пораст.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top