| четврток, 6 декември 2018 |

Охридско претставување на „Со ветерот под рака“ од Долорес Атанасова-Лори

„Со ветрот под рака“ е втората поетска збирка на Д.А. Лори и се состои два поетски циклуса, од кои вториот претставува сиџо-поезија или, со зборовите на авторката, твитер-поезија од XIII век, па наваму

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје ја најавува охридската промоција на „Со ветрот под рака“, поетската збирка на Долорес Атанасова-Лори, која ќе се одржи во Охрид, 8 август 2016 година, во барот „Објектив“ (Objectif bar), со почеток во 20 часот.

Делото ќе биде претставено со поддршка на актерката Верица Недеска-Трајкова и поетесата Елена Пренџова, а настанот ќе биде збогатен со диџеј-сетот на Dimitri from Chair.

„Со ветрот под рака“ е втората поетска збирка на Д.А. Лори и се состои два поетски циклуса, од кои вториот претставува сиџо-поезија или, со зборовите на авторката, „твитер-поезија од XIII век, па наваму“.

„Д.А. Лори ни нуди таков жар додека читаме што забораваме дека внатрешното устројство е исполнето со интимен порив. Соживувањето со поетскиот глас е неизбежно, стилската изведба со жестокост, но и со доза избалансирана, умерена итрост си поигрува со архетипите што ни се досега (не)познати, симболичност што плови на моменти во мирно море, а на моменти нè фрла во вакуумот помеѓу карпата и бранот што удира во неа. Чувството да се има новата книга на Д.А. Лори, Со ветрот под рака, во свои раце пред другите и да знаеш дека таа создала едно дело што ќе остане врежано во историјата на современата македонска поетика е уникатно, прекрасно, во најмала рака ветровито“, пишува во рецензијата кон книгата поетот Митко Гогов.

Д.А. Лори (Долорес Атанасова-Лори) е родена на 26 октомври 1974 година во Германија. Раното детство го поминува во Германија, а потоа се сели со семејството во Охрид, каде што ги поминува остатокот од детството и средношколските денови, сè до заминувањето во Скопје на студии по англиски јазик и книжевност во 1993 година. Д.А. Лори денес работи како професор по англиски јазик во Скопје. Дел од нејзината поезија е објавена во „Букбокс“, во поетската збирка „100 000 поети“ за промена и во е-книгата „Поетискон“. Нејзината прва книга, „Будење во трето лице еднина“, беше издадена од „Блесок“ во 2014 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top