Семејство од Битола било измамено дека лесно ќе добие виза за Австралија, за што платило 4.500 евра, но останало и без виза и без парите, тврдат лица што имаат лиценци за помош при апликација за виза. Вакви и слични примери, во кои било ветувано лесно добивање виза, повеќемина оставиле и без пари и без ветената виза, пишува „Дневник“.
Социјалните мрежи, но и огласите во некои медиуми, се полни со понуди од разни поединци, кои нудат помош за добивање визи, претежно за Америка, Австралија и за Kанада. За оваа помош тие бараат од 200 до 5.000 евра, а многу од граѓаните се измамени, тврдат лицата што се лиценцирани за помош.
Од американската амбасада во Скопје велат дека годишно околу 11.000 Македонци од разни неемигрантски причини добиваат виза за оваа земја, а околу 300 лица добиваат на лотаријата за зелена карта, но извесен број од граѓаните пријавиле во амбасадата дека биле измамени од лица што претходно им гарантирале виза за пари.
Грегори Бернстин, конзул и прв секретар, вели дека единствен начин за добивање каков било тип виза за САД е во амбасада и оти не постојат никакви посредници.
– Постојат само две официјални фирми во светот кои можат да закажуваат состанок или преку нив да се плати за конзуларна такса. Една фирма има канцеларија во Белград, Србија, но тие не можат да одговараат на прашања за формуларите. Во канцеларијата зборуваат на македонски, албански, српски и англиски. Иако на нашата официјална интернет-страница до најситен детаљ е објаснето како се аплицира за виза, факт е дека има лица што сакаат да бидат сигурни дека добро ја разбрале апликацијата, тие можат да се јават на бесплатен телефон токму во таа канцеларија – вели конзулот Бернстин, кој нагласува дека никој нема лиценца за посредување или помагање при издавањето на визи.
Kонзулот потврдува дека неодамна биле информирани за некое непознато лице од Тетово што ги мамело своите „клиенти“, нудејќи им работа преку американската амбасада.
– Неофицијално не станува збор за големи измами, можеби 200, 300 евра. Дознавме и за исти такви случаи во Kичево, Kрушево и во Штип. Имало лице што на ист начин вршело измама. Уште еднаш напоменувам дека виза за Америка се зема само тука кај нас, во конзуларното одделение – вели конзулот.
Рекорд со измами за визи во Австралија
Во Македонија постојат само две лиценцирани лица што имаат свои канцеларии од каде што може да им помагаат на лицата од Македонија да аплицираат за австралиска виза. Едната е во скопски Аеродром, а другата во Битола.
Билјана Ѕалева од канцеларијата во Битола вели дека е зголемен бројот на лица што оштетуваат и злоупотребуваат граѓани што сакаат да заминат во Австралија.
– Има случаи на измамени граѓани, а годинава се постигнати рекорди. Еве само неколку примери: Македонец што живеел во Австралија, кога се вратил, зел пари од свои сограѓании и ги измамил дека ќе им помогне за виза. Пред некој ден семејство од Битола беше измамено за 4.500 евра оти некој им ветил виза за Австралија. Има семејства што земаат и кредити за виза. Јавно сакам да апелирам до сите дека виза за Австралија се добива од Амбасадата и тоа е единствениот легален начин. Но, за помош и консултации има лиценцирани лица – вели Ѕалева.
Таа додава дека годинава е особено популарно аплицирањето за Нов Зеланд, дури имало огласи во кои се вели дека визата е обезбедена заедно со сместување и работа за што Ѕалева смета оти е измама.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.