Откако СЈО ја доби посакуваната гаранција дека ќе продолжи да работи дури и да биде прогласено за противуставно, а политичките партии ги договорија деталите за излез од кризата, време е Катица Јанева да даде свој придонес во целата приказна, да ја оправда функцијата за која е дебело платена од народот и, конечно, да ѝ даде одговори на јавноста на кои чека повеќе од една година.
Место упорно да спроведува политичка хајка врз функционери на ВМРО-ДПМНЕ, прво следно што Јанева мора да направи е целосно да го расчисти случајот со нелегалното прислушување, односно да ја изврши примарната задача за која и беше формирано Специјалното јавно обвинителство, а со тоа и да го оправда своето постоење. Обвинителите имаат на располагање еден куп докази, стотици илјади нелегално прислушувани материјали и шест обвинети, од кои едниот сам ја призна вината. Веројатно тоа се сосема доволно докази и за лаик да сфати за што станува збор, а не за обвинител. Давањето одговор на прашањата „кој и со која цел ги снимал разговорите и која била целта на Зоран Заев кога решил да ги објави?“ е од исклучителна важност за сите натамошни истраги на кои работи СЈО.
Ако Јанева и нејзиниот тим потфрлат во примарната задача, никогаш нема да успеат да ја вратат довербата кај граѓаните (во чие име и ја извршува функцијата), па место дел од решението, ќе останат запомнети како најголем виновник за нерасчистување на кризата. Оттука, искрено верувам дека СЈО, конечно, ќе престане да игра улога на коалициски партнер на СДСМ и, конечно, ќе побара одговори од Верушевски и од Заев за многу сериозни обвинувања не само во врска со случајот „Пуч“, туку и со злоупотребата на прислушуваните разговори за уцени и за рекет.
Утврдувањето на причините и на мотивите за собирањето и за објавувањето на нелегално прислушуваните разговори е исклучително важно не само за расчистување на аферата „Пуч“ туку и на дилемите околу прашањето дали главната причина на Заев беше враќање на „слободата и демократијата“, или голата борба за власт, уцени и закани кон политички неистомисленици и бизнисмени и заштита на фамилијарниот бизнис на кланот Заеви.
СЈО има обврска да утврди колку точно граѓани на Македонија биле опфатени со прислушувањето, колку нелегално снимени разговори сѐ уште се надвор од контрола на надлежните органи, колку луѓе биле и сѐ уште се во контакт со таквите материјали и дали и колку од тие снимки се злоупотребувани за уцени и за рекетирање јавни личности, бизнисмени, обични граѓани? Последниот случај на поклопување на временскиот период на обновувањето на хипотекарниот кредит на СДСМ во Комерцијална банка и објавувањето на приватен телефонски разговор на директорот на банката Хари Костов е само едно од сомневањата за злоупотреба на нелегалните снимки, кое СЈО мора да го расчисти.
Специјалните обвинители мора да сфатат дека суштината на постоењето на СЈО е да биде заштитник на правото и на интересите на граѓаните, а не на Зоран Заев и на неговите соработници. Како што знае јавно да повикува сведоци за предмети поврзани со функционери од власта, Катица Јанева мора да најде начин да ги охрабри и сите оштетени бизнисмени за кои се шпекулира дека плаќале милионски суми за рекет, да ги пријават уцените со нелегално добиените разговори.
Катица Јанева мора да биде гаранција за правата на јавните личности, чиишто приватни разговори веќе беа објавени, а немаа никаква поврзаност со какви било криминални дејства.
Сѐ додека толку дрско и отворено работи за интересите на само една политичка партија, Катица Јанева ќе остане единствената личност во државата за која граѓаните имаат понегативно мислење дури и од тоа за Зоран Заев.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.