И Србија и Хрватска ги славеа своите кошаркари откако преку квалификациски турнири обезбедија пласман на Олимписките Игри. Успехот беше идентичен, но разликата е огромна – кога станува збор за патувањето на овие врвни спортисти до Рио де Жанеиро.
Најдобриот хрватски кошаркар Бојан Богдановиќ се пожали преку инстаграм на условите за патување што им ги обезбедил Кошаркарскиот Сојуз на Хрватска (КСХ), заедно со Хрватскиот Олимписки Комитет.
– Благодарност до Кошаркарскиот Сојуз на Хрватска и на Хрватскиот Олимписки Комитет што се потрудија и ни овозможија ваков комфорт каков што заслужуваме за пат од 32 часа. Условите секогаш ни било на ниво“ – напиша Богдановиќ на почетокот од патувањето до Аргентина, каде Хрватска ќе учествува на силен турнир, пред заминувањето до конечната дестинација – Рио де Жанеиро.
На ова следеше одговор од раководството на КСХ дека проблемот бил во тоа што пласманот на ОИ бил обезбеден премногу доцна, откако веќе биле распродадени сите билети за бизнис-класа до Рио де Жанеиро.
И ова можеби ќе беше прифатено како образложение доколку во меѓувреме во јавноста не се појавеа фотографии од патувањето на српските кошаркари, кои обезбедија виза за Рио на ист ден како и Хрватите.
Станува збор за фотографија што ја објави Богдан Богдановиќ, на која е очигледно дека Србите имаат идеални услови за ова долго прекуокеанско патување.
– Србија избори пласман за Рио на ист ден како и Хрватска, а фотографијата покажува дека нивните кошаркари патуваат за Јужна Америка на адекватен начин, во комфорни седишта какви што се потребни за кошаркарски двометраши. Секако, споредбите на нашите и нивните кошаркари на патот предизвика ликување и потсмев во српските медиуми – пишува хрватскиот портал „Индекс“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.