| четврток, 6 декември 2018 |

Промотивна турнеја на Дениса Дуран во Македонија

Педесетината песни во збирката „Сè уште сум млада“ се распоредени во два циклуса, кои уште со насловите ги сугерираат семантичките врски со топосите на љубовта и смртта: „Семка поставена на топло“ (што асоцира на чинот на оплодување) и „Ја тргам земјата со раце“ (што асоцира на сликата на гробот). Гледано на макроплан, песните на Дуран постојано ги имаат предвид овие две тематски нишки: младоста се осмислува преку љубовта, а се цени и се љуби имајќи ја предвид и смртта

Денеска, 27 јули почнува промотивната турнеја на романската поетеса Дениса Дуран на која ќе биде претставена нејзината поетска збирка „Сè уште сум млада“, во издание на „Антолог“. Препевот на македонски јазик е на Лидија Димковска.

Промотивната турнеја ќе започне во кафе-книжарницата „Магор“ во Скопје, со почеток во 20 часот. Промотор на делото ќе биде Владимир Мартиновски, а стихови ќе интерпретира Ана Голејшка.

Следниот ден, на 28 јули, со почеток во 21 часот, Дуран ќе гостува на фестивалот „ДримОН“ во Струга. Настанот ќе се одржи на сцената „Чил аут“ под насловот „Ја тргам земјата со раце“ како мултимедијален перформанс на литература, музика, фотографија.

В недела, на 31 јули од 20 часот, нејзината поетска книга ќе биде претставена на јубилејните, десетти Роднокрајни поетски средби во Струмица. Настанот ќе се одржи во  клубот „Индустријал. Стихови ќе интерпретира Мануела Златкова, а книгата ќе ја промовира Митко Гогов.

Педесетината песни во збирката „Сè уште сум млада“ се распоредени во два циклуса, кои уште со насловите ги сугерираат семантичките врски со топосите на љубовта и смртта: „Семка поставена на топло“ (што асоцира на чинот на оплодување) и „Ја тргам земјата со раце“ (што асоцира на сликата на гробот). Гледано на макроплан, песните на Дуран постојано ги имаат предвид овие две тематски нишки: младоста се осмислува преку љубовта, а се цени и се љуби имајќи ја предвид и смртта.

„Младешкиот дух и ентузијазам се огледуваат на повеќе рамништа во песните на Дуран: тие се кратки, директни, конкретни, прецизни, чисти, полни со виталност. Би можело да се каже дека Дуран главно пее за двете стожерни, примордијални теми на уметноста, за еросот и танатосот. Со оглед на тоа дека младоста на поезијата се обновува преку чинот на читање, голема е радоста што поетесата Лидија Димковска им ја продолжува младоста на песните на Дениса Дуран, преку препејувањето од романски на македонски јазик. Дуран, која во Македонија има многу пријатели благодарение на нејзината резиденција во јули 2015 година, со македонското издание на „Сѐ уште сум млада“ во иднина ќе добива нови и нови читатели. И ќе остане млада“, пишува во рецензијата кон книгата Владимир Мартиновски.

Книгата е објавена со поддршка на книжевната мрежа „Традуки“.

Дениса Дуран е родена на 22 август 1980 година во Радауци, Романија, во семејство на писатели. Дипломирала на Филолошкиот факултет во Букурешт, а магистрирала на тема од звуковната поезија. Работела како новинар и преведувач, а од 2007 година работи како менаџер за култура во Романскиот културен институт во Букурешт.

Учествувала на голем број меѓународни фестивали и читања, а во јули 2015 година и на книжевната резиденција „Апосолутно модерен“ во Скопје во организација на „Традуки“ и на издавачката куќа „Готен“.

На романски превела поезија од Никола Маџиров, Имануел Мифсуд и од Нил Мекарти. Дуран е вклучена во повеќе книжевни антологии, а избори од нејзината поезија се објавени на тринаесет странски јазици.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top