| четврток, 6 декември 2018 |

„Крени уши“ – четвртото издание на Фестивалот за процесирање култура „ДримОН“

Четвртото издание на Фестивалот за процесирање култура, „ДримОН“, ќе се одржи во Струга од 27 до 31 јули. Фестивалот, кој годинава повикува „Крени уши“, ќе се одвива во и околу Центарот за култура „Браќа Миладиновци“.

„ДримОН“ ќе понуди засолниште од хипокризија, дискриминација, културна деградација и сите видови вируси и паразити. Пет-дневната програма носи дебати, изложби, музички настани, перформанси, филмови, работилници, со многу звучни имиња од културната и уметничката сфера. Влезот на сите настани е бесплатен.

Музичката програма на фестивалот ќе ја отворат „Штудгарт Онлајн“, со настап на главната сцена на 27 јули. На 28 јули ќе настапат новосаѓаните „Обојени Програм“, додека на 30 јули настап ќе има и групата „Канда, Коџа и Небојша“. Во музичката програма учествуваат и Мухамед Ибрахими, „Милко“, „Кантон 6“, „Стринг форсес“ како и неколкумина диџеи.

Во текот на петте дена, со почеток во 19.30 часот фестивалот ќе понуди и серија на дебати со фокус на независната култура и опстојувањето на критичката мисла во општественото живеење.

Филмската програма на фестивалот, со проекции на две локации, ќе вклучува одбрани шпански филмови во соработка со Скопје филм фестивал, кратки документарни филмови нa Скуп, филмовите „Девојката што паѓа“ на Владимир Лукаш, „Кружниот пат на Марето“ од Жарко Иванов, филмови на Синиша Ефтимов и Јане Алтипармарков. Филмската програма на „ДримOН“ традиционално ќе заврши со театарска претстава, „Госпоѓица Јулија“ на Театар Фабрика, во копродукција со Драмски Театар.

Четвртото издание на фестивалот ќе понуди и богата програма на работилници, кои ќе вклучуваат теми од областа на танцот, сликање на текстил, изработка на колажи, детска работилница со театар на сенки, стенсил и графити работилници итн.

Програмата на фестивалот предвидува и серија од перформанси, со гости уметници од Холандија, Словенија, Романија.

„ДримOН“ е организиран од Иницијативата за независен културен активизам (ИНКА) и овозможен со поддршка од Агенцијата на САД за меѓународен развој УСАИД.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top