| четврток, 6 декември 2018 |

Џордан: Не можам веќе да молчам за тензиите меѓу Афроамериканците и полицијата

Еден од најдобрите кошаркари во историјата, Мајкл Џордан, порача дека веќе не може да молчи во врска со жестоките тензии меѓу Афроамериканците и полицијата во САД, донирајќи два милиона долара за две здруженија.

„Тажен сум и фрустриран поради поделбите и расните тензии што во последно време стануваат полоши и полоши. Знам дека оваа земја е многу повеќе од тоа и веќе не можам да молчам. Мораме да најдеме решение за луѓето со црна кожа да имаат еднаков и праведен третман, а за полицајците, кои ги ризикуваат животот за да нè заштитат, поддршка и почитување“, напиша легендарниот Мајкл Џордан во отворено писмо објавено во американските медиуми.

-Како горд Американец, како татко што останал без татко на суров чин на насилство, јас сум длабоко потресен од смртта на демонстрантите, но и лут поради кукавичките убиства на полицајци. Жал ми е за семејствата што ги загубија саканите, затоа што многу добро ја знам нивната болка – пишува тој.

Расните тензии во САД дополнително пораснаа на почетокот од јули кога полицајци убија двајца Афроамериканци во сојузните држави Луизијана и Миенсота, а потоа во два одмазнички напада беа убиени вкупно осум полицајци во Далас и во Батон Руж.

Човекот што со Чикаго булс освои шест титули во најсилната кошаркарска лига на светот – НБА, во писмото изразува надеж дека во американското општество ќе се случат „конструктивни промени и мирен меѓурасен дијалог“.

Донираше два милиона долари на двете асоцијации што го промовираат разбирањето меѓу полицајците и граѓаните.

-Таа сума не е доволна да се решат проблемите, но се надевам дека ќе помогнат работите да се променат на подобро – додава Џордан.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top