| четврток, 6 декември 2018 |

Св. Климентовиот – прв универзитет во Европа

Проф. д-р Јованка Кепеска

Проф. д-р Јованка Кепеска

Св. Климент ја создава првата организирана христијанска црква на Балканското полуострово. Станувајќи епископ на големата епархија. Св. Наум, во исто време, во манастирот што го основал во 905 год., се бавел, освен со духовната и книжевната мисија, и со лечење на луѓе. Покрај ширењето на христијанството и духовенството, во 886 год., св. Климент во Охрид создава и универзитет. Тоа бил универзитет во кој студирале околу 3500 ученици за, потоа, да ја шират писменост, станувајќи духовници. Најголем дел од нив, имено, се ракоположени за свештеници, џакони и протоџакони.

Св. Климент, создавајќи ја кирилицата и врз неа македонско-славјанската писменост,  всушност ја создава добрата почва Охридскиот универзитет да прерасне во центар од кој се шири славјанската литература и културна активност. Затоа универзитетот, поради афирмацијата на книжевноста, често се нарекува книжевна школа. Славјанската книжевноста, која во почетокот е врз општославјански јазик, кој, уште со св. Кирил е прифатен од Ватикан, како четврт светски јазик, во времето на св. Климент, се  создава на македонски јазик.

Донесувајќи ги духовната и секуларна содржина во концептот, овој универзитет ги носи одлики на времето на ренесансата, која на нашите простори се јавува многу рано, и со други показатели, особено во уметноста.

Истоветни се процесите и мисиите што се одвиваат и во Западна Европа.  Така, св. Патрик,  воведувајќи апостолат, во 432 год., извршува, исто така, покрстување на населението на келтското острово (Ирска).  Со книгата „Исповеди“ тој добива место во светската книжевност. Според легендите тој ги искоренувал и змиите и сите отровни животни на островот. Како резултат ва вака востановената традиција, во шестиот и седмиот век настанува процутот на келтско-христијанската религиозна уметност и цивилизација која од своја страна го извршува и силното повратно влијание врз ширењето на христијанството во Западна Европа.

Како што и првите создадени универзитети во Западна Европа, што ги носаат истоветно духовна и секуларна суштина и вредности.

 

Универзитетот се развил од реторските и стручните училишта. Но дури во 1119 година е основан во Болоња, во Оксфорд во 1214, во Саламанка во 1218, во Кембриџ  во 1229, во Коимбра во 1290, додека Колеџот на Сорбона, како школо по теологија за сиромашни студенти, е основан од Роберт де Сорбон, во 1257.

Западните универзитетите од 13 век, имаат четири факултети: теологија, медицина, право, филозофија. Во Коимбра во 1290 година се студирало право, граматика, логика, филозофија на природата и медицина. Но дури во Оксфорд, во 13 век, за прв пат биле установени учебниот систем и програмите. Профилот на учените што произлегувал од универзитетите може да се согледа преку примерот на еврејскиот теолог и филозоф од 12 век, Мозес Мемонидес, роден во Кордоба, кој поради конкистот, побегнал во Каиро и бил теолог и филозоф, но навлегол и во правото, комерцијата. Додека, познавајќи ја медицината, станал и личен лекар на султанот Саладин.

Обележјата врз основа на кои се создава универзитетот, за да се постигне „претворањето на темното во светлост“, преку симбиозата на духовното и овоземното, но дури век, два или три  покасно, и  во почетокот на ренесансата на тлото на Западна Европа, говори дека првите универзитети  настануваат со исти карактеристики.

Имено, според латинскиот корен на зборот, изведен од филозофските гледања на Платон, Аристотел и Тома Аквински, суштината на универзитетот е остварувањето на смислата, деловите, само во составот на целината, да значат нешто, постигнувајќи го единството на убавото, умното и реалното. Нешто што, преку латинските преводи, преку кои се оживуваат вредностите од  античката литература и филозофија, навлегува  во духовната сфера на епохата на ренесансата.

Св. Климентовиот универзитет, можеби, поради тоа што во средновековието, не го задржал и развивал,  својот заснован статус,  и во западниот свет не се знае за него, временски, останува првиот универзитет во Европа.

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top