Имав работа, но плата прво доцнеше, а потоа ја немаше. Работев пола година без пари. Зошто, би прашал некој? Подобро ќе беше да останам дома со детето, да не плаќам превоз секој ден отколку да работам за без пари секој ден.
Но, имаше многу причини да не седам дома. Работев како да примам 2.000 евра плата, а не без пари. Никој не ми даде отказ. Поранешниот сопруг, инаку добар татко, исто така остана без работа…
Мајка ми ми помагаше со нејзината пензија, имав и заштеда од 400 евра, од нив плаќав градинка и храна. Не знам како, ми стигнаа за три месеци. Имаше и некоја храна во фрижидерот, влетаа и некои работи, секој месец заработував по 30-40 евра.
Издржав три месеци, имав надеж, трпение, желба да барам „тезги“, да работам и на работа…
Паднав во депресија, бегав од пријателите кои не канеа на родендени, на прошетки. Сето тоа чини пари, а јас немам пари. Не ни недостигаше ништо од основите работи, но тоа беше живот во изолација.
Тогаш станав зависник од работа. Иако работев за без пари, работев по цел ден. Доаѓав дома околу осум, ќе си поиграв малку со ќерката, ќе ја избањав и ќе ја легнев да спие околу 22 часот. И пак седнував на компјутер. Работев „тезги“ а некои од нив никогаш не ми беа платени.
После шест месеци најдов нова работа. Примав редовна, солидна плата. Можев малку да се опуштам, а не можев. Немав капацитет за тоа. Се затрупав со работа. Продолжив да работам нон-стоп.
И така пет години, работев без слободни викенди и без одмори. Се додека не почнав да се разболувам. Постојано бев болна. Настинка, грип, воспаление на јајници, на бешика…
И тогаш научив да се одмарам. Научив дека тоа е одговорност кон мене и кон моето дете.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.