Се поголем е интересот за отворање приватни старски домови. Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов денес присуствуваше на отворањето на вториот по ред приватен дом за стари лица во еден месец.
Според министерот Спасов интересот за отворање на приватни домови за стари лица се повеќе се интензивира.
-Како резултат на поволностите кои што ги воведе Владата на Република Македонија, се поголем и поголем број на луѓе се решаваат да инвестираат во оваа дејност, да отворат приватен дом за стари лица. Овој дом за стари лица ќе обезбеди згрижување на околу 40 лица и исто така ќе отвори 10 до 15 нови работни места. Поволностите кои што ги воведе Владата на Република Македонија поттикнаа интерес кај многу домашни и странски инвеститори. Во овој момент има околу 7 инвеститори кои што се во постапка на отворање на нови домови за стари лица. Очекувам мерките кои што ги воведовме и понатаму да продолжат да влијаат на подигнување на интересот, бидејќи оваа дејност има многу простор и очекувам и во иднина се повеќе и повеќе да се развива. Покрај тоа што обезбедуваме дополнителен капацитет за згрижување на старите лица во нашата држава и позитивна конкуренција, исто така и преку овие инвестиции се отвораат и нови работни места што исто така е значаен сегмент, рече Спасов.
Сопственикот на новиот дом за стари лица „Сонце“, Петар Старделов потенцира дека благодарение на Владата и огромната поддршка од Министерството за труд и социјална политика успеале, како што рече, многу побрзо и поквалитетно да го завршат домот.
-Во последно време има потреба за воведување на повисоки стандарди и норми, па токму поради тоа ние одлучивме да го реализираме овој проект, кој е алтернатива на постоечките старски домови, со единствена цел да обезбедиме услови за поквалитетен живот во кој што возрасните лица ќе ја добијат основната грижа на посебен начин, во одлични услови и во одличен простор, рече Старделов.
На отворањето на новиот приватен дом за стари лица присуствуваше и Претседателот на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија Драги Аргировски.
-Проблемот на сместување на пензионери и стари лица моментално е еден од најголемите проблеми, бидејќи досега недостасуваа легла за сместување за старите лица и за пензионери, затоа е за поздравување акцијата на Владата на Република Македонија и на Министерството за труд и социјална политика, рече тој.
Инаку објектот што е сместен на падините на Водно располага со над 20 апартмани кои што ќе сместат 40-тина лица и истиот располага со околу 2.000 метри квадратни простор.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.