| четврток, 6 декември 2018 |

Ѓукановиќ до ЕУ: Оставете маани и предности, руска опасност го демне Западен Балкан

Црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ денеска ја повика Европската Унија веќе да не се занимава со предностите и мааните на проширувањето, туку да примени поенергична стратегија кон Русија, која заедно со противниците на Унијата и НАТО „активно се бори за влијание на Западен Балкан“.

Во интервју за порталот „ЕУ Обзервер“, што го даде на неодамнешниот самит на НАТО во Варшава, Ѓукановиќ објаснува дека „Русите имаат свои упоришта чија улога е да им се противат на НАТО и ЕУ не само во Црна Гора, туку и во сите земји од регионот“.

– Ова малцинство има мнопгу цврсти контакти со Москва. Јасно е дека Русија им дава и обезбедува логистика на извесни политички партии, невладини организации и медиуми што се обидуваат да го спречат патот на Црна Гора во евроатлантските интеграции, додаде црногорскиот премиер.

Според негова проценка, 30 отсто од луѓето во регионот се против западните интеграции. Луѓето со најниски примања во регионот, во кој просечниот бруто национален доход по жител е само 6.000 евра, не ја гледаат долгорочната придобивка од проевропските економски реформи и се плашат од „новите“ политички вредности на ЕУ, додаде црногорскиот премиер.
Ѓукановиќ, исто така, тврди дека овие луѓе „ се уште негуваат извесна емотивна поврзаност за Русија од минатото“

– Тие сакаат Црна Гора да биде заглавена во канџите на ретроградното минато. Се плашат од се што е ново бидејќи немаат доволно самодоверба да им се прилагодат на промените“, рече црногорскиот премиер.
„Тоа ги прави лесен плен на руската пропаганда“, рече тој.

Ѓукановиќ затоа ЕУ ја повикува да престане да се занимава со предностите и маните на проширувањето и да примени поенергична стратегија кон Русија.

– Каде што ги нема ЕУ или НАТО други сили ќе го пополнат просторот, рече тој, алудирајќи не само на Русија, туку и на радикалниот ислам, пренесува „ ЕУ Обзервер“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top