| четврток, 6 декември 2018 |

Даниел Воиновски: Руски рулет во сафари услови

Честопати сум се прашувал кој ѓавол ме тераше, што мајка барам тука. Но тоа брзо ми поминува. Адреналинот кој сум го доживеал во тој момент секогаш ме враќа назад

„Сум почувствувал страв, но надминувањето на стравот те прави посилен. Екстремните услови на температури од минус 40 степени се само едно доживување кое те враќа повторно назад“ – ова е приказната на пасионираниот ловџија Даниел Воиновски.

Со него разговаравме во собата со трофеи, каде можете да сретнете различни животни… од срна и ној, до америчко бафало и американска пума… Недостасуваше големата кафеава мечка Кодијак, висока над 3 метри, тешка 500 килограми. Тоа е еден од неговите најтрофејни улови и очекува наскоро препарираното животно да се придружи во неговото царство.

„Сум патувал многу, четиринаесет пати сум бил во различни земји. Сум бил во ЈАР, Камерун, Танзанија, Намибија,  Мозамбик, Зимбабве… Од Нов Зеланд, како најисточна точка, па до Северна Америка, Канада. Сум бил и во Азербеџан, Киргистан…“ – ја раскажува својата зависникот од сафари, Воиновски, кој најчесто патува со неговите пријатели Сашо Ивановски Гашпар, Златко Соколиќ – Лате и Антон Тончев – Тони.

Му беше тешко да одговори кој е неговиот најтрофеен лов. Вели, не мора да значи дека треба животното да биде многу опасно за да биде трофејно, тука влегуваат и условите во кои се лови. Го одвои Марко Поло, најголемиот муфлон кој живее во Киргистан на голема висина, и за многу ловци тоа е едно од најтрофејните животни..

„Марко Поло го ловевме во екстремни услови, многу снег, температура од – 40 степени целзиусови, силен ветар. Но трофејни се и афрички бафало, американска пума, кодијакот. Имам уловено слон, еден од најопасните ловови. Народнот мисли дека тоа е питомо животно кое шета по савана, жал ти е да го уловиш. Но не е така. Се работи за афрички слон, див и агресивен. Во секоја средба со човек во дивина напаѓа. Во џунгла може и да не го забележиш. И да се наоѓа на 10-20 метри од тебе можеш да не го забележиш. Без разлика колкав. А приближувањето на 30 метри и пукање е ризично. Се случува да се работи за група слонови, а таа група ќе тргне во некој правец, ти си 20 степени од радиус од 360 степени. Моментот ти е руски рулет. Шансата да загинеш ти е 1:18. Не е важно дали си стрелал добро. Се си направил добро. Но со самиот чин на пукање ти знаеш дека си го свртел буренцето на пиштолот. Ако тргне групата кон тебе те убива сигурно. И кога го знаеш тоа адреналинот работи, стравот си го прави своето“ –  продолжува тој со својата приказна.

deni pezo nam

Или-Или ситуации
Дени Пежо имал повеќе опасни ситуации кои можеле да завршат трагично. Приказната за слонот е само една од нив. Слонот бил ранет, го бркале два-три часа, а потоа повторно ги нападна. Испукале десет куршуми пред да го убијат…

„И ловот на пумата беше ризичен. Животното беше во пештера, влегов внатре, тесна пештера, на седум-осум метри растојание. Таа ме гледаше мене, јас ја гледав неа…ситуација – или-или. Се сеќавам и на стравот за време на првиот лов во Африка. Пет животни отстрелав од прва. Сигурен во себе пукнав во Брадавичеста свиња. Падна во некои карпи, но ја погодив лошо. Ме нападна. Среќа што по инерција после првото пукање, репетирав и имав куршум во цевка. Ја исправив пушката и пукав на неколку метра. Промашив. Но од детонацијата се исплаши. Среќа ме промаши. Инаку ќе ми ги искинеше двете нозе. Да ме погодеше во рок од 5 минути ќе искрварев“- се сеќава Воиновски, кој признава дека во ракви ситуации честопати си рекол: „Кој ѓавол ме тераше, што мајка барам тука“. Но тоа брзо му поминува. Истото си го помислил и во ситуација кога ќе добие треска, замор, убод од комарци и пајаци, кога сфаќа дека си го ризикува животот.

deni pezo4

Големата петорка
Воиновски, или попознат како Дени тежнее  да ја комплетира големата петорка. Во Big Five влегуваат слон, бафало, носорог, лав и леопард, а проширена е со уште две животни – крокодил и нилски коњ. Тоа е опасната седумка.

– Од тие имам отстрелано четири животни. Од опасната седумка ми недостасуваат лав, леопард и носорог. Од големата петорка ми недостасуваат три животни лав, леопард и носорог.

Gentleman Rifle
Во својата колекција има 16 парчиња оружје. Започнал со обична пушка со калибар 3006, со која има отстрелано најмногу животни. Низ сите наредни години сфатил дека постојат одредени специфики, дека животните си бараат одредени калибри…

„Кога си во странство и имаш лимитиран период не можеш да си дозволиш да пропуштиш ситуација за лов на добар дивеч поради несоодветно оружје. Ти треба оружје кое ќе ти даде и сигурност. Како и секој пасиониран ловец постепено купував по едно-две парчиња, ги нарачував преку наши увозници, некои ги увезов од Франција… “ раскажува Воиновски.

Како најдраго парче ја одвои Kipplauf – пушка со еден метак. Во Европа се нарекува Gentleman Rifle зашто нема борбена, огнена моќ.

„Ја преклопувате, ставате еден метак, ја заклопувате и испукувате. Мора да сте сигурни дека со еден метак ќе го убиете животното. Можноста за корекција е многу мала. Ако го раниш ќе избега, ако е опасно ќе те нападне – објаснува ловџијата.

deni pezo

Сафари клуб интернешнл
Група на македонски ловци, ентузијасти подржница на најголемата светска организација со седиште во Америка. Тоа, вели Воиновски, е организација која се занимава со лов и заштита на природата:

„Таму каде што ловот се контролира, популацијата на животни расте. Конзервација и заштита на дивиот свет… имаат буџети и средства, се инвестира во заштита на загрозени видови, репродукција на постојните. Таму каде што не се знае кој лови и никој не одговара за тоа, како што до скоро беше во Македонија, нема инвестиции, нема животни, нема контрола на криволов, се ништи дивечот. Во Кенија од 1975 година ловот е забранет. Денес е земја  во Африка со најмалку животни. Населението има изедено се. Со криловов, со замки се ловат премногу и се користат за храна, нема размножување на животни. Онаму каде има приватни имоти и фарми популацијата расте. Оваа организација води сметка кои животни се загрозени. Буквално е најстрог судија при прекршување на правила, казните се големи. Има и суд на честа. За лов од хиликоптер има казна од еден милион долари. Тие се најзасегнати да постои етика во ловот.“

Добар поглед
Тој е суеверен. Верува дека на ловџија не се вика „Среќен лов“: 

-Кај нас се верува дека тоа е баксуз. Во останатите земји не е така, таму се вика „Среќен лов“. Некои пријатели знаат да ми кажат дака пред заминување и ми се темни од тоа. Се обидувам да им објаснам дека не се вика така, туку „Добар поглед“  или “Крвава среќа’. Иако лошо звучи, во ловниот јазик има поинакво значење…“

Разговараше: Билјана Зафирова
Фото: Дејан Станчевски

Текстот е објавен во петтиот  број на неделникот Република

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top