| четврток, 6 декември 2018 |

Кралицата на Куба шпионирала во САД повеќе од 16 години – била премногу паметна за да ја фатат

ana-montes-spion-kuba-01

59-годишната Ана Монтес е жена за која многумина не слушнале, а припаѓа во самиот врв на најопасните шпиони од Америка.
Експертите велат дека таа на Куба ѝ продала толку тајни информации, што можеби никогаш да не се дознае колкава штета притоа ѝ нанела на Америка.

Работела за Одбранбената разузнавачка агенција – ДИА, а пред тоа веќе била регрутирана од Кубанската разузнавачка агенција.

Подолго од 16 години на Куба ѝ издавала бројни тајни, додека работела како високорангирана службеничка и топ аналитичар на ДИА. Истовремено напредувала и во САД и на Куба.

Родена е во американска воена база во Германија, а нејзините родители по потекло се Порториканци. Нејзиниот татко бил ценет воен лекар.

Сепак, нејзиното детство не било идилично, нејзиниот татко бил строг и ја малтретирал својата сопруга сè додека не се развеле.

Психолозите велат дека веќе тогаш кај 15-годишната Ана Монтес, инаку многу паметна девојка, се создала одбивност кон властите и авторитарните фигури.

Ана Монтес студирала на Универзитетот во Вирџинија, а потоа на Универзитетот „Џон Хопкинс“.

Како била регрутирана

ana-montes-spion-kuba-02

Додека студирала често учествувала во демонстрации против мешањето на американските власти во политиката на земјите од Латинска Америка.

Веќе во 1984. година ја забележале припадниците на кубанските разузнавачки служби и ја регрутирале да работи за нив.

Ана Монтес тајно ја посетила Куба во 1985. година, и како што било сугерирано, почнала да се пријавува за работи кои ѝ овозможиле пристап до доверливи информации. Затоа се вработила во ДИА.

Со години никој во ДИА не помислувал дека во своите редови има опасна шпионка. Ниту нејзините брат и сестра, кои работеле за ФБИ, не знаеле ништо.

Во текот на наредните 16 години, Ана напредувала, станала главен аналитичар за Ел Салвадор и Никарагва, а подоцна и главен воено-политички аналитичар за Куба. Во круговите на ДИА станала позната како „Кралицата на Куба“, а за успешно завршените работни задачи добивала парични бонуси и признанија. Истовремено и тајно ја посетувала Куба.

И на Куба добивала награди – специјален медал кој не смеела да го понесе дома.

Како шпионирала и останала незабележана

ana-montes-spion-kuba-03

Една од главните причини зошто толку долго време не била фатена е фактот дека никогаш не носела документи со себе на работа. Наместо тоа таа ги памтела податоците кои подоцна ги пишувала на својот компјутер.

Потоа документите ги префрлала на шифрирани дискови и ги праќала на своите контакти во Куба.

Инструкциите за праќањето ги добивала преку шифрирани пораки пратени преку радио бранови.

На Куба, меѓу другото, ѝ открила и идентитети на неколку американски шпиони.

На Куба ја научиле како незабележливо да предаде пакет, како да комуницира во шифри, а ја научиле и да го излаже полиграфот.

Како е фатена

ana-montes-spion-kuba-04

Службеникот на “DIA”, Скот Кармајкл кој се занимава со откривање на шпиони, во септември 2000. година добил информација дека ФБИ две години безуспешно се обидува да открие кој од владата шпионира за Куба. Сè што знаеле е дека тоа лице има пристап до американските разузнавачки податоци за Куба, дека со Хавана комуницира преку компјутер “Toshiba” и дека во одреден период го посетил Гвантанамо.

Кармајкл ја познавал Ана, во 1996. година разговарал со неа поради еден инцидент. Тогаш колегите ја пријавиле бидејќи агресивно се обидела да добие пристап до некои чувствителни информации. Кармајкл разговарал со неа и стекнал впечаток дека го лаже. Но, Монтес понудила објаснување кое го прифатил и случајот бил затворен.

Четири години подоцна, почнал да работи на случајот со шпионажа. Во компјутерот внесол податоци добиени од ФБИ, па кога меѓу стотина имиња го видел нејзиното, знаел дека таа е виновна.

Кармајкл отворил истрага против неа, агентите ја следеле и ги снимале нејзините разговори. Со проверка на нејзините сметки утврдиле дека во 1996. година купила лаптоп “Toshiba”. Тајно го претресле нејзиниот стан, канцеларијата и автомобилот.

Истрагата ја забавил терористичкиот напад на 11. септември 2001. година, па таа конечно била уапсена на 21. септември.

Осудена е на 25 години и се наоѓа во затворот Форт Ворт, а од таму ќе излезе во 2023. година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top