„Тепањето е злоупотреба, а не казна“, „Зошто баш мене“ и „Моќта на родителите“ се три водичи кои денеска ги промовираше Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ како дел од проектот „Одговорно родителство“.
Ангела Маневска, координатор на проектот, појасни дека брошурите се производ од работата со стручните служби, родителите и наставниците во неколку училишта од четири општини во Скопје.
– Преку тие работилници произлегоа овие три прирачници. Првата е „Моќта на родителите“ која е водич за родители, вториот е „Тепањето е злоупотреба, а не казна“ кој е наменет за родители и наставници и водичот „Зошто баш мене“ е наменет за деца и родители, информира Маневска.
Според неа, овие водичи на разбирлив и едноставен јазик ја доближуваат оваа тема до граѓаните и ја нагласуваат важноста на одговорното родителство.
-„Моќта на родителите“ е водич кој го охрабрува и поттикнува одговорното родителство и дава една слика на тоа што претставува одговорно родителство. Водичот „Тепањето е злоупотреба, а не казна“ е со цел да се информираат луѓето какви последици остава тепањето врз здравјето на детето и психичкиот развој. Воедно има цел граѓаните да се охрабруваат да го пријават телесното казнување и физичкото насилство во училиштата и градинките. „Зошто баш мене“ е водич во кој децата повеќе се запознаваат со начините како може да го препознаат насилството и како да се заштитат, истакна Маневска.
Порача дека е многу важно децата да се научат да ги препознаат знаците на насилство на кои се изложени тие или децата околу нив.
Драги Змијанац, извршен директор и основач на Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ рече дека тие ќе продолжат да го поттикнуваат одговорното родителство и да ги потсетуваат родителите колку се важни во правилниот раст и развој на детето, како и важноста да му посветат целосно внимание.
Дел од препораките произлезени од проектот „Одговорно родителство“ се родителите без разлика колку и да се зафатени дел од времето да го поминуваат во разговор со своето дете, да ги уважува неговите потреби, да му ја дава потребната нега и да му кажува дека го сака и прегрнува. Одговорниот родител го учи своето дете на различни вештини и го охрабрува детето да биде одговорно за истите. Не го споредува своето дете со други деца, туку го поттикнува и го поддржува.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.