| четврток, 6 декември 2018 |

„Лајкамобајл“ стартува со работа во Македонија

lyka mobil makedonija

Меѓународниот мобилен виртуелен оператор Лајкамобајл (Lycamobile)  денеска соопшти дека почнува со работа во Македонија.

„Лајкамобајл“ на македонскиот телекомуникациски пазар ќе оперира со предзнакот 079. Ќе ја користи мрежата на мобилниот оператор „Вип“.

Од  Агенцијата за електронски комуникации, каде то се нотифицираше,  информираат дека операторот досега има добиено 175.000 броеви кои ќе може да ги доделува на сопствените корисници. Претходно веќе имаат завршено со тестирање на преносливост на броеви и имаат одобрен стандарден претплатнички договор.

– Македонските граѓани ќе може да ги уживаат придобивките од  „Лајкамобајл“  и нашите нискобуџетни тарифи за национални, меѓународни повици,  како и интернет сообраќај. Понудите на „Лајкамобајл“ особено ќе им бидат привлечни на граѓаните кои имаат потреба да им се јават на своите пријатели или роднини во странство, со оглед на тоа дека постојат голем број Македонци низ целиот свет. „Лајкамобајл“ нуди импресивни цени без трошоци за роаминг во дури 18 земји во светот – се вели во соопштението од „Лајкамобајл“.

Македонија, наведуваат, лани оствари импресивна стапка на раст во мобилната телефонија од 108 проценти поради што донесовме стратегиска маркетиншка одлука за да ги искористиме предностите на таквиот растечки пазар.

– Македонија е држава што се наоѓа во срцето на Југоисточна Европа , опкружена со некои од најпопуларните земји, а нејзината телекомуникациска индустрија доби значајни странски инвестиции во последниве години. Имајќи го предвид тоа, Македонија е нашиот следен чекор, со што продолжуваме да се прошируваме на меѓународно ниво – се наведува во пишаната изјава од генералниот директор на „Лајкамобајл“, Субаскаран Алираџах.

Како што истакнуваат од „Лајкамобајл“, Македонија е 21. држава во нивната меѓународна мрежа, а опслужуваат 15 милиони корисници од  Европа, САД, Австралија, Хонгконг и од Тунис.

На македонскиот телекомуникациски пазар работат и мрежните оператори „Телеком“ и „Вип“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top