Емил Рајковиќ има причина за задоволство по победата со Работнички против поранешниот тим што го предводеше, Фени, со 83-78. Шампионот МЗТ Скопје славеше нагости против Лирија со 93-80, а домашниот терен го искористи Кожув за шести триумф во Суперлигата, овојпат против Куманово со 91-86.
Американецот Абукар игра се подобро за Работнички, а некогашниот младински репрезентативец на САД, со 21 поен и 9 скокови одигра значајна улога при победата на „романтичарите“ над Фени. Неговиот сонародник Шарпер беше стрелец на 19 поени, три повеќе од Ненад Зивчевиќ. Кај Фени индустри во главна улога беше Бојан Трајковски, но неговите 26 поени сепак беа премалку, за кавадарчани уште еднаш сезонава да слават во „Градски парк“.
Работнички со денешната победа се зацврсти на третото место во Супер-лигата со скор од пет победи и три порази, додека Фени се уште е четвртопласиран со три победи и пет порази.
Кожув во интересен меч го совлада Куманово и ја задржа втората позиција зад лидерот и актуелен првак МЗТ Скопје. Триото Караџовски, Божовиќ и Пековиќ, заедно постигна 48 поени, повеќе од половината кај победничкиот тим. Божовиќ оствари и дабл-дабл со 16 поени и 10 скока. Кај гостите повторно извонредно одигра Алаксандар Костовски со 29 поени и 10 скока, а Урош Луковиќ забележа 18 поени со 8 скока.
Дамјан Стојановски одигра одличен меч со 18 поени за шампионот МЗТ Скопје, а Бакиќ беше прв стрелец со 21 поен во рутинската победа над Лирија со 13 поени разлика. Гостите водеа и со 21 поен, но на крајот се опуштија, кога беше јасно дека ќе ја прокнижат и седмата победа во Суперлигата. Чековски оствари дабл-дабл од 10 поени и 10 скокови, надополнет со шест асистенции. На Лирија не и помогна ниту одличното издание на Радуновиќ, кој беше стрелец на 27 поени, додека Хаџибулиќ беше стрелец на 15 поени за поразениот тим.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


