| четврток, 6 декември 2018 |

Македонија меѓу разочарување и радост – Што значи Брегзит за Балканот

Стравот од прекин на процесот на проширување на ЕУ и јакнење на десните партии, се главни реакции во земјите на Западен Балкан, откако граѓаните на Велика Британија, на референдумот одржан на 23 јуни се одлучија да ја напуштат ЕУ.

Хрватскиот технички министер за надворешни и европски работи Миро Ковач најави дека Хрватска, како земја членка ќе настојува британскиот излез од ЕУ што помалку да го успори пристапниот процес на земјите во соседството.

Меѓутоа, професорот на загрепскиот Факултет за политички науки Дејан Јовиќ негативно ја оцени британската одлука за излез од ЕУ, магласувајќи дека тоа ќе има многу негативни ефекти.

– За земјите од Западен Балкан мислам дека ова е исто така лоша вест, бидејќи во сегашната состојба мислам дека сите сили на ЕУ ќе бидат свртени кон регулирање на односите во ЕУ и се друго ќе застане. Сега ми се чини, идната година или две, колку што ќе траат овие иницијални преговори, не доаѓа предвид никакви идни чекори кон идно проширување, смета Јовиќ.

Тој предупреди дека либералните вредности на ЕУ се во криза, дека наскоро ќе бидат американските избори, дека алтернативните опции кои доаѓаат од Турција и Русија исто така се антилиберални и дека се соочуваме со потенцијално опасна состојба, посебно за периферните земји на Европа.

Диздаревиќ: На Брегзитот профитира корпоративниот систем

Сличен став има и новинарот и поранешен дипломат Златко Диздаревиќ, кој потенцира дека Европа и светот со оваа одлука влегуваат во фаза на дестабилизација и дека од ова ќе профитира Волстрит и корпоративниот систем на големите мултинационални компании.

– Факт е дека се работи за историски негавитен аспект за Европа, факт е дека тоа ќе биде сигнал и охрабрување на тие кои веќе почнале да размислуваат во тој правец, но немале сила тоа да го артикулираат на вистински начин. Мислам дека Европа, а со тоа и целиот свет, влегува во една исклучително сложена фаза на дестабилизација, вели Диздаревиќ.

На прашањето дали ова е можност САД да го засилат влијанието во Европа, тој одговара дека Вашингтон со тоа добива еден голем замав во тој правец, кој го покажуваше со предлогот за познатиот договор за трансатлантско трговско партнерство и со се друго.

– Америка има амбиција за целосна економска доминација над Европа, мислам, корпорациите кои се базирани во Америка, и оваа цела состојба ќе оди во нивен прилог, така да тој тврд т.н. неолиберален, а јас не гледам тука ништо либерално. Корпоративниот систем на големите мултинационални компании и корпорациите на Волстрит многу ќе профитираат од сето ова, потенцира тој.

Јакнење на политичкиот пресврт на Србија кон Русија

Јелица Миниќ, претседателка на Форумот за меѓународни односи на Европското движење во Србија, вели дека последица од британската одлука за излез од ЕУ ќе биде успорување на европскиот пат на Србија и јакнење на политички пресврт кон Русија, кон кој земјата опасно лизга веќе извесно време.

– Мислам дека резултатот од британскиот референдум не е добра вест за нашиот регион и за Србија. Таа сигурно не е добра вест ни за ЕУ, а не сум сигурна дека е добра вест дури и за граѓаните на Велика Британија, вели Јелица Миниќ.

Што се однесува до регионот, Јелица Миниќ посебно ја издвои Србија, чиј европски пат ќе биде успорен, бидејќи ЕУ ќе се занимава сама со себе, па се зголемува опасноста Србија уште повеќе да се сврти кон Москва.

– Најголемиот ризик е за Србија во однос на останатите земји од регионот кои многу повеќе се свртени кон ЕУ. Кај граѓаните на Србија, тоа го покажува истражувањето на јавното мислење. Има голема скептичност поврзана за ЕУ, а популарноста на Русија во Србија, во однос на другите земји од регионот, е многу поголема, вели Миниќ.

Чолаку: Косово изгуби важен сојузник

Министерот за европски интеграции на Косово, Беким Чолаку, во изјава за РСЕ рече дека ЕУ нема да биде иста без Велика Британија, па изрази загриженост дека ваквата одлука ќе влијае и на останатите земји членки на ЕУ, да појдат по сличен пат.

Чолаку додаде дека Западен Балкан изгуби важен сојузник внатре во Европската унија и дека оваа одлука може да влијае на идното проширување на Унијата.

– Косово губи членка на ЕУ која меѓу првите не призна и отворено зборуваше за проширување на ЕУ. Сега повеќе го немаме тој сојузник внатре во ЕУ и не само Косово, туку Западен Балкан повеќе го нема тој сојузник кој беше посветен на консолидација на мирот и соработката со сите на Балканот, рече тој.

Тој изрази надеж дека ЕУ ќе успее да ја зачува улогата на важен глобален актер и без Велика Британија, што како што наведе, посебно е важно за земјите на Балканот.

Македонија меѓу разочарување и радост

Македонија во регионот има најдолг стаж како кандидат за членство во ЕУ. Меѓутоа, 11 години чекање го направи своето, што може да се види и на дебатите на социјалните мрежи по резултатот од референдумот за излез на Велика Британија од ЕУ.

Иво Котевски, портпарол на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, на нашето прашање за резултатот од референдумот во Велија Британија и влијанието на Македонија и регионот, прати СМС порака во која вели: „Се работи за одлука на британските гласачи која треба да се почитува и им посакуваме среќа на патот кој го одбраа. За ЕУ тоа секако претставува загуба на значајна членка, а за Балканот и за Македонија си заминува земја која го поддржуваше процесот на проширување на Европската унија‟.

Од друга страна, високи претставници на владејачката партија, членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ и десничарски настроената јавноста на социјалните мрежи се радуваа на резултатот од референдумот во Велика Британија, додека на пример полибералната јавност изразува разочараност.

Професорот и поранешен министер за надворешни работи Денко Малески вели дека ова е тажен ден за Европа и дека ќе се наруши балансот меѓу големите држави на Унијата. Малески смета дека излезот на Велика Британија не значи ништо добро за Балканот, бидејќи Британците беа предводници за проширувањето за разлика од Французите и Германците, кои инсистираат на внатрешна интеграција, па потоа на прифаќање на нови земји членки.

Извор: Радио Слободна Европа – Прага

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top