Капиталните инвестиции за десет години се зголемени за 3,6 пати. За разлика од 2006 година кога беа 156 милиони евра, годинава изнесуваат 568 милиони евра и се на највисоко ниво досега.
Во инфраструктурата, капиталните инвестиции се скоро четирикратно зголемени. Интензивно се градат три автопати Демир Капија-Смоквица, Кичево-Охрид и Миладиновци–Штип, а се работи и на делниците Смоквица до Гевгелија и Миладиновце до Штип. Делницата Демир Капија – Смоквица треба да биде пуштена до крајот на оваа или најдоцна до почетокот на следната година, а автопатот до Штип, со кој патувањето од Скопје преку Св.Николе до Штип ќе биде преполовено, треба да биде готов следната година. Автопатот Кичево-Охрид се очекува да биде готов во 2018 година, а планирано е годинава да бидат завршени половина од предвидените градежни работи. На терен работат 1.200 работници и над 550 градежни машини.
Се инвестира и во гасификацијата. Од ребалансот, кој денеска е доставен до Собранието, може да се види дека се зголемени средствата за изградба на националниот гасоводен систем. Гасоводната делница Клечовце-Неготино е завршена, а во подговотка е фазата за изградба на гасоводната делница Штип-Неготино. До август ќе започне изградбата и на уште две гасоводни делници и тоа Неготино – Битола и Скопје – Тетово – Гостивар. Со ова ќе бидат изградени вкупно 265 километри од гасоводниот систем, односно повеќе од половина од главните магистрални правци.
Во здравството во 2006 година ставката за капитални инвестиции била нула, а годинава се издвоени средства за изградба на Општата болница во Кичево и за опрема на Клиничката болница во Тетово. Одвоени се и средства за ПЕТ Центарот, за изградба на нов Клинички центар во Скопје и Штип, за реконструкција на 20 јавни здравствени установи како и за изградба на амбуланти во рурални подрачја.
Во образованието годинава се предвидени средства за изградба и реконструкција на основни и средни училишта, за изградба на училишни спортски сали, за реконструкција на ученички и изградба и реконструкција на студентски домови.
Годинава се предвидени инвестиции и во делот на земјоделството, односно во системите за наводнување во јужната долина на Вардар, поточно местата Миравци, Негорци, Гевгелија, Грчиште, Паљурци, Кованци и Валандово, за хидросистемот Лисиче во Велес, како и за хидросистемот Злетовица. Исто така значителни средства се издвоени и за поддршка на руралниот развој.
Ниту еден од капиталните проекти предвидени за годинава не е прекинат, туку, како што истакна министерот за финансии Кирил Миноски, сите продолжуваат со реализација.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.