| четврток, 6 декември 2018 |

Тимотеј: За Лазарополе е виновен Црковниот Одбор

Митрополитот на Дебарско-кичевската епархија реагира на колумната објавена на порталот „Република“

Во колумната на Горан Момироски, насловена како „Црквите опустошени, сефовите и сметките преполни – зошто спијат МПЦ – ОА и другите одговорни“ објавена на порталот „Република“ на 28 април, реагираше Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, односно Дебарско – кичевската епархија, со седиште во Охрид.

Ви го пренесуваме во целост нивното писмо.

„Почитувани,

Во вашата колумна од 28.04.2013 година, се дава информација со нагласена тенденциозност и злонамерност, во смисла на необјективното информирање на македонската јавност за проблемот околу заштитата на црковните објекти и движното културно наследство.

Нагласуваме дека МПЦ-ОА, односно Дебарско-кичевската епархија, со седиште во Охрид, заедно со Министерството за култура на Р. Македонија и Управата за заштита на културното наследство на Р. Македонија, уште од септември 2009 година презема посебни активности за зачувување и заштита на црквите во Западна Македонија. Заедничките активности се интензивираа минатата година, а продолжија и изминатите месеци во оваа година, каде што заеднички екипи пристапија кон дислокација на највредните икони и сакрални предмети, кои се депонирани на побезбедни локации. Следува Македонската православна црква – Охридска архиепископија, односно Дебарско-кичевската епархија, со седиште во Охрид, а со помош на Министерството за култура на РМ, да изгради соодветен простор – музеј на Македонската црковна преродба, каде овие вредни икони и други предмети ќе бидат изложени на пошироката јавност. Веќе е договорено конзервирање на икони, кои имаат потреба од итна конзервација, за што Министерството за култура на РМ зеде обрска истото да го реализира.

МПЦ-ОА, како во минатото, така и сега, во границите на нејзините можности, води грижа за запазување на нашето културно богатство. Но, треба да се има и елементарна култура и да се знае дека никогаш и никој архиереј не бил чувар на селски цркви, па апсурдно е тоа да се бара и од македонските архиереи.

Дебарско-кичевската епархија е во постојан контакт со црковните одбори, а особено во изминатите четири години. За оваа цел, ДКЕ организираше неколку советувања, отпечати летоци со препораки  и укажувања за мерките што се потребни за запазување на иконите и другите вредни предмети. Треба да кажеме дека најголем дел од црковните одбори ги прифатија и постапија според нив, но за жал, имаше и такви, кои останаа само на ветувања. А меѓу нив, го истакнуваме случајот со одборот на црквата „Св. Вмч. Ѓорѓи“ во с. Лаарополе, и за волја на вистината ви го приложуваме и нивниот одговор на нашите укажувања.

Со почит,

МИТРОПОЛИТ ДЕБАРСКО-КИЧЕВСКИ ТИМОТЕЈ“

Го приложуваме одговорот на Црковниот Одбор на црквата „Св.Ѓорѓија“ испратено до Дебарско-кичевската епархија.

„Почитувани,

Црковниот одбор на црквата „Св. Ѓорѓија“ од Лазарополе, крајно возбудени и загрижени за случувањата (кражбите на икони) од црквите во Малореканскиот (Мијачки) крај, деновиве одржавме итен состанок на кој поред тековните работи особен простор посветивме на МЕРКИТЕ ШТО ГИ ИМАМЕ ПРЕВЗЕМЕНО ЗА ЗАШТИТА НА НАШЕТО НАЈГОЛЕМО БОГАТСТВО ЦРКВАТА И ИМОТОТ ВО НЕА.

На средбата бевме информирани за средбата што ја побарале и оствариле почитуваните: Митрополит Тимотеј, Господата Паско Кузман, Д-р Сашо и нашиот претставник Арсо Глигуровски, со директорот Љубчо Тодоровски.

И ние – членовите на Црковниот Одбор, исто како и учесниците на средбата ја споделуваме ЗАГРИЖЕНОСТА за ЗАЧЕСТЕНИТЕ И РЕДОВНИ кражби на ИКОНИ од црквите на Мијачките села: Тресонче, Росоки, Селце, Сушица и Мелничани.

„Мислењето“ произведено од средбата на погоре цитираните личности (за собирање на иконите на едно место, за подобро чување) не се совпаѓа со нашите заклучоци. Членовите на Одборот заклучивме:

–          Како надополна, на сите прозори од црквата да поставиме капаци од лим со дебелина од 5 милиметри;

–          На двете врати да изградиме специјално конструирани и залемени елементи, како додаток на веќе добро (за наши примања) обезбедените врати;

–          Да купиме уште еден голем челичен „СЕФ“ со кого во зимскиот период ќе ги чуваме иконите од „Галеријата“ што веќе постои во црквата ;

–          Да организираме ТВ видео надзор во текот на целата година.

Нашата црква, првоизградена во Мијачкиот крај за време Отоманското царство, преку цела година е „жива“ како што е живо и селото. Не дозволуваме ни таа ни селото да згасне.

Скопје, 5 март 2013 год.

Претседател на Црк.Одб. д-р Блаже Смилевски“

 

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top