| четврток, 6 декември 2018 |

Турски бизнисмени заинтересирани за извоз на тиквешко вино

Неколкумина турски бизнисмени дојдоа во Тиквешко и во тек е посетата на неколку винарници. Целта на посетата е гостите кои имаат желба за извоз на тиквешко вино во Турција, на терен да ги согледаат можностите за соработка.

Посетата е во рамки на традиционалната манифестација „Духовден-Праскобер” која викендов се одржува во Росоман, како најголем регион за производство на праски во Македонија.

– Делегацијата ја предводи Фикрет Чам, поранешен градоначалник на Јеникен, општина збратимена со Росоман. Тој сега е советник во општините Баргама и Измир. Целта на посетата на тиквешките винарии е воспоставување соработка заради извоз на квалитетното тиквешко вино, изјави Ѓорѓи Крстевски, портпарол на росоманската локална самоуправа.

Во рамки на манифестацијата која веќе неколку години се организира во Росоман, се одржуваат и спортски и културни настани на кои присуствуваат гости од земјава и од странство.

Годинава ќе нема симболично откинување на првата праска бидејќи, како што рече Крстевски, праските созреаја порано и веќе добар дел од нив завршија на домашните пазари, а најмногу во странство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top