Од 24 до 26 јуни годинава во Спомен-домот на Тоше Проески ќе се одржи втората бесплатна работилница за млади музичари, која ќе ја раководи маестро Горан Алачки. Младите ќе имаат можност три дена да работат со својот ментор, а резултатите од нивната заедничка работа ќе бидат презентирани на завршниот концерт кој ќе се одржи на платото пред Спомен-домот. Специјален гостин на концертот ќе биде македонската поп пејачка Елена Ристеска, која ќе исполни неколку свои песни и песни од репертоарот на Тоше.
– Наша цел беше преку овој проект на еден креативен начин да ја продолжиме благородната мисија на нашиот Тоше Проески, кој многу се залагаше за своите млади колеги, за младите музичари, за нивна едукација и усовршување, смета министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.
На овој начин се збогатува регионалната сцена со нови, талентирани млади изведувачи кои ќе имаат можност да се здобијат со непроценливи искуства од македонските најреномирани уметници и ѕвезди.
– Сите учесници на работилницата ќе имаат можност да научат специфични техники на музицирање на еден од најкомплексните инструменти, кој е застапен во традиционалната и класичната музика и последните години станува се популарен и меѓу помладите генерации. Маестро Алачки е изведувач со извонредна техника и креација и уверена сум дека младите музичари, како минатата така и оваа година ќе имаат ментор со непроценливо искуство, сонепроценливо знаење, уметник кој македонското фолклорно наследство го афирмираше низ целиот свет, рече Канческа-Милевска.
Иво Јанковски од продукциската куќа „Трето уво“ потенцира дека се залагаат за културни настани и во другите градови, а не само во Скопје и Охрид.
– Сметаме дека Спомен-домот на Тоше Проески и градот Крушево се едно од најинтересните и најубави, но се уште недоволно откриени места во Македонија. Не постои поидеално место во Македонија од Спомен-домот на Тоше, кој во иднина би можел да прерасне во регионален, музички едукативен центар на Балканот, рече Јанковски. Тој посочи дека пријавувањето за работилницата е се уште во тек и ги повика сите заинтересирани да се пријават.
Маестро Горан Алачки информира дека првпат како ментор прави работилница на македонско тло на која ќе се слави македонската музика.
– Првпат ќе имате можност да слушнете како звучи поп и рок музика изведена на инструментот хармоника. Тоа ќе бидат интересни аранжмани, на кои се уште работам, рече Алачки.
Директорката на Спомен-домот на Тоше Проески Елена Мирческа нагласи дека се домаќини на многу манифестации, од едукативен, хуманитарен и музички карактер. Работилницата, како што рече, е исклучителна чест за градот Крушево, за националната установа и уште една можност да покажеме на дело за несебичноста и отвореноста засоработка и гостопримливост.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.