Откако „шарените“ се распуштија, а револуцијата беше ставена во мирување, Специјалното обвинителство повторно ја добива главната улога во одржување на вештачката политичка криза. Во текот на летото, додека платениците на Сорос ги трошат парите од револуцијата на „заслужен одмор“, „специјалните“ Катица, Ленче и Фатиме ќе имаат тешка задача да ја одржат во живот комираната револуција. Преку постојан јавен притисок упатен директно до врвот на ВМРО-ДПМНЕ и преку постојано деградирање на судовите, повторно се обидуваат да ја продолжат хајката, да ги прикријат скандалите поврзани со работата на СЈО, но во исто време и да го оправдаат неуспехот на обвинителството, кое не може да испорача квалитетно обвинение поткрепено со силни докази. Во недостиг од аргументи, нивните настапи се сведуваат на гола политичка битка, која не е ништо друго освен продолжение на минатогодишните прес-конференции на СДСМ на кои Заев ги презентираше нелегално прислушуваните материјали.
Додека Специјалното обвинителство мака мачи да му испорача резултати на налогодавецот, „специјалните“ не покажуваат ни најмал интерес да ги оправдаат своите високи плати и да ја исполнат примарната цел на своето постоење – расчистување на аферата со прислушуваните разговори, како и утврдување на одговорноста на обвинетите во случајот „Пуч“. Пред народот молчат за прислушувањето, за разговорите, за обвинетите и за нивните налогодавци, но затоа редовно парадираат по странските амбасади каде што реферираат за одработеното. Очигледно, и ним како и на Соросовите платеници воопшто не им е важно мислењето на граѓаните сѐ додека „чадорот“ им обезбедува баснословни плати и хонорари за спроведување на партискиот прогон кон членови на ВМРО-ДПМНЕ.
Барањето на „шарените“ Уставниот суд да се изјасни за легитимноста на СЈО останува како уште една форма за заметкување на јавноста дека ете, обвинителството работело под постојана закана, но и како притисок врз судиите да донесат политичка одлука со која повторно, по којзнае кој пат, треба да се погази Уставот. Сепак, и овие, како и сите претходни барања на овие хулигани и платеници, ни од далеку не наидуваат на одобрение кај пошироката јавност, напротив, дополнително го зголемуваат револтот кај граѓаните и ја разобличуваат маската на таканаречените „борци за демократија“.
Во меѓувреме, „шарените“ веќе ги спакуваа куферите за на плажа, а Заев и соработниците од СДСМ продолжуваат да коленичат пред странските дипломати од кои бараат да им помогнат повторно да се вратат на власт без дозвола од народот. За таа цел постојано преку своите медиумски труби информираат за некакви лидерски средби на кои би се договориле некакви „брзи избори“, кои би ги организирала некаква нова техничка влада. Во исто време, ниту Заев, ниту кој било од неговата партија, за жива глава не сака да даде цврсти гаранции дека СДСМ ќе излезе на избори на датум што тој самиот ќе го одбере. Исто така, ниту еден од редовите на опозицијата не помислува да објави конкретен и конструктивен предлог за реформи што би биле во функција на брзи и веродостојни избори. Повеќе од очигледно е дека „брзите избори“ се само изговор за заземање на дел од министерствата, кои, судејќи од претходното искуство, повторно би ги користеле за лична и за партиска цел.
Од Заев и од другите во раководството на СДСМ никој не очекува да ја променат реториката и пристапот во решавањето на кризата затоа што досега се покажа дека нивната деструктивност наидуваше на поддршка од страна на дипломатите. Сепак, доколку меѓународната заедница не планира целосно да ги потроши кредибилитетот и поддршката на македонските граѓани, потребно е итно да покаже дека има сериозна намера, конечно, да помогне за да се стави крај на кризата и целосно да се исполни Договорот од Пржино. Нивната искрена посветеност за решавање на проблемот ќе се види само ако помогнат во обезбедување услови граѓаните на Македонија сами да ја изберат својата власт. Во ниту еден друг случај нивното мешање во внатрешните работи на државата нема да биде оценето како добронамерно и полезно.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.