Монетарната поставеност е соодветна и каматната стапка на благајничките записи останува непроменета. Девизниот пазар од последната недела на мај досега е стабилен и речиси без потреба од интервенции на НБРМ, што упатува на значително стабилизирање на очекувањата и довербата на економските субјекти и намалување на склоностите за располагање со девизи. Сепак, неизвесноста поврзана со домашните политички случувања и со глобалното окружување е сѐ уште присутна, оценува Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка на Република Македонија.
– Затегнувањето на монетарната политика на почетокот на мај, засега, е доволна реакција за притисоците на девизниот пазар и врз депозитната база на банките, предизвикани од домашни фактори од неекономски карактер. Притоа, во последниот период, видливи се знаци на стабилизирање на очекувањата и довербата на економските субјекти, а оцените за здравоста на економските фундаменти и понатаму се позитивни, констатира на седницата Комитетот.
Во соопштението од НБРМ се наведува дека податоците за економската активност упатуваат на натамошен раст на активноста во домашната економија, којшто според проценетите податоци за БДП за првиот квартал изнесува 2 проценти. Позитивни остварувања се забележани во речиси сите дејности. Сепак, ова темпо е побавно во однос на досегашното темпо на раст, но и во однос на последните проекции на НБРМ. Високофреквентните податоци за април, во најголем дел, упатуваат на задржување на економската активност во зоната на позитивни стапки на промена. Сепак, треба да се има предвид дека овие оцени се засноваат врз мошне мал број расположливи податоци, а домашните неекономски фактори поврзани со политичките случувања во земјата дополнително ја зголемуваат неизвесноста околу остварувањата и оцените за економската активност во вториот квартал.
Во однос на инфлацијата, просечната годишна промена на домашните потрошувачки цени во април се задржа во негативната зона, при пониски цени на храната и енергијата. Од друга страна, базичната инфлација и натаму умерено се зголемува. Вкупната инфлација засега се движи во рамки на проекциите, а ризиците околу проекцијата до крајот на годината и понатаму се поврзани со променливоста на очекувањата за промените на светските цени на енергијата и храната.
Последните податоци за девизните резерви, заклучно со средината на јуни, покажуваат квартално намалување. Главен фактор за намалувањето на девизните резерви во овој период се интервенциите на НБРМ на девизниот пазар, како реакција на зголемената побарувачка за девизи, во услови на нестабилен политички амбиент. Од 19. април до 23. мај, НБРМ интервенира на девизниот пазар со продажба од 129 милиони евра, со што го затвори јазот меѓу побарувачката и понудата на девизи и ја одржа стабилноста на девизниот курс. Во мај, мерките на Народната банка за справување со шпекулациите околу стабилноста на курсот на денарот придонесоа за постојан пад на побарувачката на девизи од физичките лица, којашто постепено се враќа кон вообичаеното преткризно ниво. Во такви околности, побарувачката на девизи од физичките лица во мај беше пониска за околу 30% од вкупната побарувачка за април.
Анализата на сите показатели на адекватноста на девизните резерви покажува дека тие и понатаму се движат во сигурната зона.
Неизвесниот домашен амбиент се одрази и врз депозитната база на банките, којашто во април забележа значителен пад од 2,2 отсто на месечна основа, речиси подеднакво распределен помеѓу депозитите на корпоративниот сектор и депозитите на домаќинствата. Првичните податоци за мај покажуваат натамошен тренд на намалување на депозитите, но многу послабо во однос на април, при што од дневните податоци за втората половина на мај и првата половина од јуни се забележува значително стабилизирање на депозитната база. Ова упатува и на стабилизирање на согледувањата на економските субјекти.
Во однос на кредитниот пазар, во текот на април и мај, вкупните кредити на приватниот сектор се задржаа на релативно стабилно ниво, при раст на кредитите кај населението и намалување на кредитите кај корпоративниот сектор. Стагнацијата на кредитите во еден дел веројатно е реакција на неизвесниот амбиент и падот на депозитната база, но во еден дел и одраз на отписот на достасани, ненаплатени побарувања, согласно со одлуката на НБРМ донесена во декември 2015 година.
Намалувањето на ликвидноста, главно врз основа на интервенциите на Народната банка на девизниот пазар, услови висока побарувачка на банките за ликвидни средства на пазарите на пари, каде што прометот достигна највисоко месечно ниво од јули 2014 година наваму. Пазарните каматни стапки, и покрај зголемената побарувачка за ликвидност, се задржаа на релативно стабилно ниво.
НБРМ и во следниот период внимателно ќе ги следи движењата и доколку е потребно, ќе направи соодветни промени во монетарната политика за успешно остварување на монетарните цели.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.