Јовица Симовски, коректорот во македонската одбојкарска репрезентација и еден од носителите на играта според концепцијата на селекторот Жарко Ристоски, по паузата поради семејни причини во првиот круг од Европската лига што се одигра во Бугарија, се враќа за да им помогне на соиграчите спроти скопскиот циклус од Европската лига што почнува утре.
По маестралната игра во Варна и трите победи во првиот круг натпревари против Албанија, Данска и Бугарија, македонската одбојкарска репрезентација ќе биде уште посилна со враќањето во тимот на коректорот Јовица Симовски.
Спроти новиот циклус од три средби против истите противници, што од утре до сабота, по ист редослед, со почетокот од 19.30 часот, ќе се одиграат во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје, добрата вест го израдува селекторот Жарко Ристоски, кој со популарниот Гума во тимот ќе има на распоолагање повеќе уиграни варијанти во нападот, а ќе биде порастоварен и капитенот Никола Ѓоргиев, кој беше извинреден во Варна, каде што во своето портфолио впиша 23, 43 и 33 освоени поени на трите меча во три дена.
Симовски го напушти вториот дел од подготовките на репрезентацијата во Скопје, како што соопшти поради неодложни приватни причини. Сепак, синоќа Одбојкарската федерација на Македонија објави дека тој ќе биде во можност да настапи на натпреварите во Скопје со коментар: „Срце јуначко не може да гледа на ТВ“!
Македонија по првиот круг натпревари води со 8 бода, пред Бугарија и Данска со 5 и Албанија без бодови. „Црвено-жолтите“ ја бранат вицешампионската титула од лани во ова натпреварување.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.