| четврток, 6 декември 2018 |

Изречени казните за малолетниците што силуваа врсници во затворот во Велес

zatvor kreveti

Малолетниците затвореници кои двапати силуваа, исто така штитеници на Воспитно-поправниот дом – Тетово, одделение во Велес, добија соодветни казнени мерки, изречени од Основен суд – Велес.

За првото силување, кое се случи на 19 мај 2014, четворица малолетници на возраст од 16 години силуваа нивни врсник, за кривичното дело силување им се изречени воспитни мерки упатување во воспитно-поправен дом. За последното, четвртото момче, за кое процесот сè уште е во тек, од велешкото јавно обвинителство велат дека не е довршена подготвителната постапка пред судија за деца.

За силувањето, кое се случи во истиот затвор за малолетници во близината на Велес, на 24 август 2014 година, кога малолетникот бил силуван од малолетник што лежи затвор за силување, сторителот доби казна затвор за малолетници во траење од три години.

За првиот случај  на групното силување, кое дежурниот во затворот се обиде да го сокрие, Основното јавно обвинителство – Велес поднесе обвинителен предлог и против раководителот на Секторот за обезбедување – заповедник во Воспитно-поправниот дом Тетово – Одделение во Велес, за сторено кривично дело несовесно вршење на службата.

Живко Андоновски доби алтернативна казна затвор од една година, доколку во следните три не стори ново кривично дело. Тој го призна делото.

Едно од трите момчиња кое доби воспитна мерка упатување во воспитно-поправен дом, претходно доби две години затвор за деца оти се обиде да го убие домскиот доктор во казнено-поправниот дом во Велес. Настанот се случи на 25 јануари 2015 година, кога малолетникот побарал да биде однесен на лекарски преглед кај домскиот лекар поради главоболка. Во лекарската соба тој најпрвин со дрзок и висок тон се обратил кон лекарот, потоа ја турнал масата меѓу нив и се обидел да го удри, во што го спречиле надзорниците.

Подоцна, од трпезаријата, во тоа време 16-годишникот, зел два ножа и повторно влегол во лекарската соба со вербални закани кон лекарот дека ќе го убие, а притоа повторно го спречиле присутните надзорници.

Поради многубројните пропусти и бегства што се случија во овој затвор за малолетници во близина на Велес и по реакциите на јавноста, тој беше затворен и реновиран. Од пред некоја седмица во него се префрлени 40 осуденици од затворот од Идризово.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top