| четврток, 6 декември 2018 |

Тони Шулајковски ја доби наградата на „Остен“-„Уметник на годината“

Наградата „Уметник на годината“ вечерва му беше врачена на Тони Шулајковски, за исклучително плодната соработка со галеријата „Остен“ во 2012 година. По тој повод Шулајковски подари 20 дела кои се сега во колекцијата на „Остен“, а зеде учество и на минатогодишната манифестација „Светска галерија на цртеж- Биенале на цртеж“.

– Наградите се добредојдени за секој творец. Тој убаво ги доживува тие признанија. Оваа награда за мене е посебна бидејќи веќе две децении сум присутен во уметничкиот свет во Македонија и тоа уште повеќе ми дава мотив за да се трудам уште повеќе во иднина. Се надевам дека идеите нема да ми запрат, туку дека ќе продолжам да творам со уште поголем жар. Многу ми е драго што ова го споделувам со моите најблиски и со колегите. Би сакал и понатаму да ги остварувам моите соништа, бидејќи сонот никогаш не умира!- рече Шулајковски на вечерашното доделување.

Наградата „Уметник на годината“ прв пат ја востановува галеријата „Остен“, со цел да прерасне во традиционална.

Уметникот Трајче Јанчевски, пак, ја доби наградата за животно дело, која „Остен“ ја доделува на уметник кој го достигнал врвот на своето творештво и постигнал значителен успех (во земјата и странство), а со кого „Остен“ имал одлична соработка.

– Со „Остен“ имам добри односи и добри спомени. Не можам да бидам незадоволен бидејќи тие го признаваат она што јас го работам. Наградата за животно дело ми е меѓу најдрагите награди, бидејќи тоа е признание за долгогодишно творештво-рече Јанчевски.

„Остен“ ги доделува овие награди со цел да ја афирмира ликовната дејност во Македонија, преку создавање стимулативни форми на соработка меѓу институцијата и македонските ликовни творци

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top