| четврток, 6 декември 2018 |

Интервју со министерот за здравство Никола Тодоров: Во 2004 г. имаше еден компјутерски томограф, денес има 18 во цела Македонија (ПРВ ДЕЛ)

todorov2

Сликата за здравствениот систем во Македонија од аспект на опременост, кадровски потенцијал, но и структурна организираност е темелно променета од периодот пред 2006, и потоа. Министерот за здравство Никола Тодоров во интервју за Прес24, зборува за реформите во здравството, за инвестициите, за бенефициите за граѓаните, но и за медицинските работници.

Всушност, најдобар показател се примерите од секојдневната практика. На пример, во 2004 година во државата имало само 1 апарат за компјутерска томографија (КТ), а денеска има вкупно 18 апарати за компјутерска томографија низ целата држава, вели Тодоров во интервјуто.

ПРЕС24: Во последните 10 години во здравството според анализите на министерството биле инвестирани над 200 милиони евра. Нова опрема и инфраструктура како и инвестирање во кадарот. Дали со овие капитални проекти се промени сликата за македонскиот здравствен систем?

ТОДОРОВ: Сликата за здравството не се менува лесно. Особено ако позицијата од која поаѓаш не е добра.

Сликата за еден здравствен систем се менува со инвестирање во секој аспект кој гарантира квалитет на системот, а тоа е пред сè здравствената инфраструктура, новата најсовремена медицинска опрема и стручно доусовршување и надградба на кадарот.

Колку е сменета сликата за здравствениот систем покажувa фактот дека околу 55% од опремата која во моментот се користи во јавните здравствени установи во државата е набавена во периодот од 2011 година досега.

gruevski-gradska2-640x417

Всушност, најдобар показател се примерите од секојдневната практика. На пример, во 2004 година во државата имало само 1 апарат за компјутерска томографија (КТ), а денеска има вкупно 18 апарати за компјутерска томографија низ целата држава, од кои 3 апарати набавивме само во последната половина година, и тие веќе се користат на Универзитетската клиника за неврологија, Градската општа болница „8 Септември“ и поликлиниката Јане Сандански. Тоа значи дека пациентите многу побрзо и поблиску до местото на живеење ја добиваат оваа здравствена услуга, а порано кога имало само еден апарат и сите морале да патуваат до Скопје, тоа пациентите ги чинело многу повеќе пари и време. Но, што е поважно, некои пациенти тоа ги чинело тотално недостапна услуга, што директно негативно влијаело на квалитетот на дијагностиката, а со тоа и на можноста навремено да се даде потребната здравствена услуга. Понекогаш ова некои пациенти ги чинело и живот. Сурово, но за жал тоа беше реалноста за здравството во тоа време. Денес, со поголемиот број апарати се овозможува и отворање поголем број термини за снимање, па така на пример во случај на некој пациент да му е неопходно снимање на КТ, прв слободен термин кој може да се закаже е овој понеделник на Клиниката за радиологија, овој вторник во поликлиниката Јане Сандански, а во Клиниката за хируршки болести Св.Наум Охридски прв слободен термин за КТ е за 8 работни дена. Тоа значи поголема достапност на здравствените услуги, како бенефит за сите пациенти.

gruevski-tomograf

Неспорно е дека инвестициите во градби, опрема и кадар, ја подобруваат сликата за еден здравствен систем, но она што е најважно е крајниот бенефит кој го чувствуваат граѓаните, бидејќи тоа е она што ја гради индивидуалната перцепција за системот. Во тој сегмент сме особено посветени на унапредување на достапноста на здравствената заштита до секој еден граѓанин во државата, без оглед дали живее во урбана или рурална средина. Фактот дека отворивме околу 70 аптекарски станици и воведуваме Подвижни аптеки во населени места каде претходно жителите патуваа и по неколку часа до најблиската аптека, фактот дека ги намаливме цените на над 4.800 лекови, фактот дека со проектот Наш специјалист воведовме специјалистички услуги во помалите градови за кои досега жителите патувале и по стотина километри само за еден преглед говори дека сликата за здравствениот систем е сериозно променета на подобро.

Покрај тоа, во здравството се реализираат инвестиции какви што досега немало во историјата на здравствениот систем во Македонија, како што е за првпат отворената Клиника за државна кардиохирургија, која работи со полн капацитет и одлично се развива, формираната мрежа за интервентна кардиологија со повеќе центри низ државата, за првпат воведените поливалентни вакцини, континуираната соработка со врвни странски доктори кои ги обучуваат нашите доктори во повеќе различни области меѓу кои и Детската кардиохирургија, со цел децата на кои им е потребна ваква интервенција да добијат најквалитетен третман во сопствената држава наместо да се упатуваат во странство.

Секако една од главните реформи во здравството е имплементацијата на националниот систем МојТермин, кој прерасна во своевиден бренд во областа на здравството кај нас, но и во регионот и Европа, и кој одамна веќе не е само систем за закажување прегледи, туку е најголемата и најважна база на податоци кои се добиваат во реално време и кои претставуваат одлична основа за градење на здравствените политики.

todorov onkologija

ПРЕС24: Дали тоа значи дека сликите со редици пред аптеки, откажување на операции, немање на хируршки ракавици дефинитивно може да се смета дека се дел од едно минато на здравствениот систем во Македонија?

ТОДОРОВ: Токму системот Мој Термин е еден од темелите на оваа коренита реформа во здравствениот систем.

Овој систем овозможи секој пациент да се јавува на преглед или снимање во точно закажан термин, така што гужвите и редиците пред ординациите се веќе минато. Со системот се воспостави ред во работата на установите, што меѓу другото ги опфаќа и операциите кои ги споменувате. Но, она што за мене е уште позначајно е тоа што секој доктор, без исклучок, е достапен за секој пациент. Нема потреба од барање на врски, секој пациент, дури и оној од најмалото место од Македонија кој никого не познава во Клиничкиот центар, може без никаков проблем да избере да биде прегледан и лекуван и од најдобриот професор или од докторот за кој слушнал и за кој верува дека е најдобар. Колку и некој да сака ова да каже дека секогаш било така, не било.

Периодов сме фокусирани и на унапредување на работата и функционирањето на шалтерите во јавните здравствени установи, имајќи ги предвид искуствата кои покажуваат дека се случувало пациентот да заврши со прегледот во предвиденото време, а потоа да чека и до еден час за да ги регулира административните процедури на шалтер, што секако создава незадоволство кај пациентот. Во тек е имплементација на повеќе мерки во оваа насока и наскоро очекувам да се почувствуваат позитивните резултати и во овој сегмент.

gruevski-klinika2

Исто така, постојано се зголемува бројот на термини за прегледи или снимања во установите, со цел што е можно повеќе пациенти побрзо да ја добијат потребната здравствена услуга. На пример, во мај 2016 година се дефинирани за 12% повеќе термини во споредба со истиот период лани, a во некои установи бројот на термини е зголемен и за 50% во споредба со минатата година.

Изминатите неколку години отворивме аптеки во рурални средини каде што претходно жителите морале да патуваат и по неколку часа и по десетици километри за да го подигнат потребниот лек од аптека. Отворивме околу 70 аптекарски станици во рурални средини, а во тек е и воведувањето подвижни аптеки во помалите населени места, до 1000 жители. Овие проекти се комплементарни со проектот Рурален доктор, со кој исто така овозможивме жителите на руралните подрачја да ги добиваат неопходните здравствени прегледи во своето место на живеење, што значи дополнително растоварување на болниците и клиниките. Целта ни е што е можно повеќе пациенти да можат што е можно повеќе услуги да добијат поблиску до нивното место на живеење.

ПРЕС24: Дали има најави за набавка на нова опрема?  Каде во овој сегмент на опремата ќе инвестирате во иднина?

ТОДОРОВ: Набавката на нова опрема е континуиран, непрекинат процес, кој го спроведуваме во чекор со европските и светските трендови. Медицината е област која постојано се усовршува, и оттука е особено важно да се следат трендовите, да се набавува најсовремена опрема со која се воведуваат нови методи во установите и се подигнува квалитетот на здравствените услуги.

Проценки за набавка на нова опрема се прават и според потребите на установите или нивниот капацитет за воведување нови методи во работата. На пример, во Здравствен дом Скопје набавивме нов ЕЕГ апарат за дијагностика, наменет за Заводот за ментално здравје на деца и младинци, каде стариот апарат датираше од далечната 1988 година, веќе беше со постара технологија и дотраен.

Исто така, проценки за нова опрема се прават и врз основа на анализи на податоците од системот МојТермин за упатувањата на пациенти од една во друга установа. Кога ќе детектираме дека од одредена установа се упатуваат сериозно голем број пациенти за определена здравствена услуга во други градови, и притоа се оптоваруваат пациентите со трошоци за патување, веднаш наоѓаме најоптимален начин тоа да го решиме, во согласност со можностите. Едно решение е набавка на нова опрема, каква што дотогаш немало во конкретната установа, или пак воспоставување соработка со специјалисти од други градови кои се ангажираат повремено во установата.

Фото: Дневник

Фото: Дневник

ПРЕС24: Што станува со кадарот. Едукации и специјализации на лекари во еминентни странски болници. Има ли бенефит од оваа мерка?

ТОДОРОВ: Проектот за едукација на медицинскиот кадар во странство е од исклучителна важност за долгорочно унапредување на квалитетот на здравствената заштита. Една од најзначајните цели со овој проект е воведување нови методи, а досегашните искства покажаа дека над 70% од докторите кои биле на едукација имаат воведено нови методи во својата матична установа – методи кои се нови за конкретниот доктор, првпат се применуваат во установата, а некои од нив и првпат се воведуваат во јавното здравство.

Откако отпочна реализацијата на проектот, над 2.200 здравствени работници се едуцирани во реномирани медицински центри и универзитетски клиники во повеќе земји во Европа, Сад, Кина, Јапонија, Австралија и многу други земји.

Исто така, во делот на специјализации на кадарот, постојано работиме на зголемување на бројот на специјализации, така што годишно над 300 доктори се упатуват на специјализација во голем број медицински области.

Ова е значително поголема бројка на специјализации, за разлика од пред десетина години, кога се доделувале околу 30 специјализации годишно, и тоа по сопствена желба на докторите. Тоа значи дека порано немало државна стратегија за упатување на специјализација, односно докторите се упатувале на специјализација по сопствена волја, а не согласно потребите на установите, што доведе до ситуација да имаме поголем број на доктори во некоја специјалност од една страна, и недостиг од определени специјалности, од друга страна. Токму затоа, ние се фокусиравме и работиме на решавање на проблемот со недостиг на специјалисти. Тоа е еден подолготраен процес, но решен сум во никој случај на тие што ќе дојдат по мене да не им го оставам системот онака како што јас го затекнав. Со огромен недостаток на кадар, со катастрофална дисперзираност на кадарот и со поголем одлив отколку прилив на кадар.

Важно е да се потенцира дека покрај во државата, обезбедуваме и специјализации во странство. Во овој период, вкупно единаесет доктори се упатуваат на специјализација во Белград и во Загреб, со цел да ги надградат и усовршат своите знаења, да стекнат нови вештини и искуства, и тоа во различни медицински области, меѓу кои: дигестивна хирургија, офталмологија, гинекологија и акушерство, анестезиологија, трауматологија, интерна медицина и општа хирургија.

ПРЕС24: Имаше некои најави дека дел од вработените во приватното здравство се враќаат во јавното. За колкава бројка станува збор?

ТОДОРОВ: Со воспоставената практика на преземања на специјалисти од приватно во јавно здравство, досега се преземени околу 200 искусни специјалисти.  Овој чекор, можам слободно да кажам, не дозволи здравството да колабира, имајки го во предвид континуираниот пораст на здравствени услуги и потребите на пациентите.

Многупати досега нагласувам дека за првпат во историјата на здравствениот систем имаме обратен процес, односно процес на враќање на доктори специјалисти од приватно во јавно здравство. Верувам дека има повеќе причини за тоа. Докторите сакаат да се доусовршуваат и едуцираат, а кога работат во јавно здравство имаат можност бесплатно да се едуцираат во реномирани странски медицински центри, за разлика од порано кога за тоа молеле за донации кај фармацевтските компании.

Докторите специјалисти во јавното здравство имаат многу поголеми плати во споредба со порано, имајќи предвид дека само во изминатите неколку години платите на сите доктори-специјалисти од универзитетските клиники, клинички болници и општи болници се зголемени за речиси 25% . Уште еден фактор во прилог на оваа појава на преминување од приватно во јавно здравство е постојаната набавка на нова опрема и новите методи во работата, што верувам дека претставуваат поттик и стимулација за секој перспективен доктор.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top