| четврток, 6 декември 2018 |

Исповед на Македонец што работи на брод: За околу 9 месеци се заработуваат 6 – 8 илјади долари

kruzer

– Најдобрата работа кога си на брод е што можеш да го прошеташ целиот свет и да видиш места за кои можеш само да сонуваш. А најлошата – што немаш ниту еден слободен ден во текот на работниот договор, кој вообичаено трае од 7-9 месеци, вака ја започнува приказната 30-годишниот Македонец, кој поради заштита на идентитетот ќе го нарекуваме Марко, иако тоа не е неговото вистинско име.

Тој во моментов е на одмор во Македонија, а зад него се 3 изминати работни сезони на брод. Вели дека првото искуство е секако бесценето и ништо не се споредува со спомените и пријателите од првото патување и работа. Напредувал прилично брзо, бидејќи после 3 работни сезони е унапреден и со нетрпение го очекува 4-тото крстарење, кое ќе се одвива на релацијата Јапонија, Кина, Југоисточна Азија и Индија.

– Ова ми е првото крстарење на таа страна од светот. Првите три тури беа сконцентрирани околу Америка и Европа. Не знам колку држави сум посетил, сигурно над 30. Со нетрпение очекувам да ги видам и Кина и Јапонија, вели Марко.

За бродот пак, вели дека е огромен хотел со 5 ѕвезди, само што плови на вода.

Што сè има на бродот?

– Сè што можеш да си замислиш, од многубројни интернационални ресторани, до спа-центри, базени, терени за кошарка и голф, до кино и концертни сали, фризерници, казина. Куси се часовите за одмор, бидејќи животот на бродот се одвива 24/7, и е искуство какво што никогаш нема да доживеете.

Колку е безбедно на бродот, особено за женскиот пол?

– Безбедноста на бродот е на особено високо ниво. Патниците, но и персоналот се целосно заштитени. Правилата се строги и мора да се почитуваат, без исклучок. Не се дозволени никакви љубовни авантури помеѓу гостите и персоналот. Е помеѓу членовите на персоналот, тоа е веќе друга приказна, се смее Марко.

– Но, ако девојката на која ѝ пристапуваш ти каже НЕ, а ти упорно продолжуваш да ѝ додеваш, ќе си ги собереш парталите за многу кратко и ќе се најдеш на копно. Посебно е опасно ако ѝ го попречиш патот и ако нема од каде да те заобиколи или да те одмине. Казните се ригорозни, а во Америка можеш и законски да одговараш за ваквиот пристап, вели Марко.

Како изгледа еден работен ден?

– Работниот ден зависи од распоредот и желбите на гостите. Понекогаш може да имаш само 2 часа работен ангажман, понекогаш и до 12 часа. Нашата идеја за одмор е вообичаено плажа, пливање, коктели или пиво… нивната идеја за одмор е токму тоа – крстарење на луксузен брод, каде што, каков вид на забава и да посакаш, ти е лесно достапна.

Колку може да се заработи на брод?

– Одговорот е – прилично многу. Нормално, сè зависи од работната позиција и коментарите кои ќе ги добиете на крајот од патувањето, а ве оценуваат гостите, меѓутоа, дури и оние на најниската работна позиција, на палубата или во рестораните, каде што се подразбира дека вработените не зборуваат англиски и немаат никаков контакт со гостите, за 6-9 месеци, може да заработат помеѓу $6.000-8.000 долари.

Оние на повисока позиција како Марко, за истиот тој временски период успеаваат да заштедат дури до $14.000 долари. Тој вели дека сепак не штеди премногу, секое искуство има цена, но животот е краток и треба да се ужива во него.

извор – Црнобело

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top