| четврток, 6 декември 2018 |

Наумоски: По цели 10 години успеавме да ја одблокираме сметката на МКФ

mkf

Денеска, во просториите на Македонска Кошаркарска Федерација, се одржа прес-конференција на која што претседателот на МКФ Петар Наумоски даде отчет за сработеното во периодот од јули 2015 до јуни 2016 година,за тековните активности и во исто време ги презентираше плановите за периодот што следи.

– Целта на оваа прес-конференција е пред сè да направиме некои нови стандарди и основа за нешто што претходно не се работело – да дадеме отчет јавен и да ги објасниме сите позитивни и негативни работи со кои се соочивме во тековната година. Објективноста на нашата работа и реалните проекти во текот на годината не беа презентирани во јавноста, одговорноста за тоа ја преземаме целосно – кусо го најави извештајот претседателот на МКФ, Петар Наумоски.

– По цели 10 години сметката на Македонската Кошаркарска Федерација конечно е деблокирана. Со ова се оствари можеби и најкомплексната цел од изборната програма за првата година од мандатот – дополни Наумоски

На овој начин, Македонската Кошаркарска Федерација добива можност да користи средства од буџетот на Република Македонија преку Агенцијата за Млади и Спорт. Работењето преку жиро сметката на МКФ гарантира целосна транспарентност во финансиското и друго работење на Федерацијата. Македонската Кошаркарска Федерација добива кредибилитет пред ФИБА, добива кредибилитет во јавноста, пред институциите и потенцијалните спонзори и донатори.
Кога во јули 2015 година, на чело на МКФ се најде сегашното раководство, жиро сметката на Македонската Кошаркарска Федерација била затекната со статус „БЛОКИРАНА“, а ваквата состојба постоела во континуитет,повеќе од 10 години. Вкупниот износ на блокадите изнесувал 20.395.334 денари.

Во текот на изминатата година, една од главните цели на новата постава на Македонската кошаркарска федерација беше деблокирање на сметката која ја наследи од претходната гарнитура што и оневозможи да функционира прописно.

– Направена е детална анализа на фактичката состојба на играчите, како и тренерите и делегати кои ги наследи оваа гарнитура. Најважно за нас беа затекнатите долгови кои ги наследивме од претходната постава кои дополнително го оптоварија буџетот на федерацијата. Во првата година од мандатот, МКФ успеа да ја деблокира сметката, постигнат е договор со доверителите со што после десет години федерацијата добива кредибилитет пред ФИБА и можност повторно да ги користи сите средства на Републиката преку АМС. Активностите на младинските категории се одвиваа во две насоки: беше воспоставен нов систем на натпреварување, оваа година за првпат се одиграа над 1.000 натпревари во младинските категории и се одиграни во квалитативна конкуренција. Направена е селекција на младинците која траеше повеќе од шест месеци.Неколку проекти во рамки на младинската категорија е проектот „Заедно до 16“ во кој се селектирани најдобрите 50 играчи во регионот со цел истите што подобро да се подготват за нивното прво младинско првенство (м16). Добивме и признание од ФИБА за најдобро организирано младинско Европско првенство што вообичаено не се случува. Поради добрата организација добивме и доверба за организирање на м18 Европското првенство кое ќе се одржи следната година. Се надеваме дека ќе го одржиме нивото на организација – се само дел од проектите кои ги одработи МКФ во изминатиот период.

Во наредниот период, МКФ ќе се фокусира и на подготовка на новиот систем на лиценцирање за стручниот кадар на кошаркарските работници.

– Во соработка со Факултетот за физичка култура воведени се нови системи за лиценцирање на тренерскиот кадар за да се овозможи подобро водење на работата. Потребата од напредок и континуирано усовршување од тренерскиот кадар беа главна инспирација за изготвување на оваа програма. Пред почетокот на оваа сезона направивме и пописна листа на играчкиот кадар. Беа опфатени сите генерации од 1996 година до 1976. Имаме само 72 активни македонски кошаркари кои одиграле барем 1 минута во сениорски натпревари. Оваа катастрофална бројка не дозволува да се оформи ростерот на екипите во Првата лига. Фактот е тој – ние немаме база на играчи од кои треба да се состави костурот со кој ќе имаме подобра македонска репрезентација – истакна потпретседателот Илија Пенов додавајќи дека во иднина треба да се направи анализа на состојбата и нивото на образованието кои го имаат стручните кадри и да се отпочне со новиот систем за лиценцирање.

Можноста младите играчи да бидат блиску до американски тренери, преку што и нивните кариери би биле поблиску понатака до силните натпреварувања во САД е еден од проектите поради што следи ангажман на тренери од Северноамериканскиот континент.

– Ангажирањето на Американците во младинските категории (М-16 и М-18) можат и тоа како да ни помогнат во реалното селектирање и во темелното поставување на работата во тие категории, како и контактот кои тие деца ќе го имаат директно со луѓе кои живеат и работат во Америка со што им се отвораат вратите во САД. Ако 5-6 деца однесеме во Америка ние од тие деца можеме да добиеме барем двајца квалитетни играчи за во сениорскиот состав – рече претседателот на МКФ, Петар Наумоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top