Во групата А на Европското првенство во Франција кое започнува утре се наоѓаат репрезентациите на Франција, Швајцарија, Албанија и Романија.
Ждрепката сакаше во иста група да се најдат Швајцарија и Албанија, а тоа значи дека за првпат во историјата на Европските првенства ќе се судрат двајца браќа меѓусебно.
Се работи за Гранит и Тауљант Џака, кои ќе ги бранат боите на Швајцарија, односно Албанија. Двајцата се родени во Швајцарија, но едниот од нив одбрал да го носи дресот на „орлите“. Родителите на браќата Џака се по потеко од Косово, а во Швајцарија емигрирале во 1989 година. Две години подоцна се родил првиот син Тауљант, додека Гранит е роден 18 месеци по него.
Двајцата ги направиле првите фудбалски чекори во Базел, а подобра кариера направи Гранит кој во 2011 година доби дебитантски повик од репрезентацијата на Швајцарија. По три години во Базел, а потоа и три сезони во Борусија Мехенгладбах, Гранит, кој ќе биде главна надеж на швајцарската репрезентација на европскиот собир направи трансфер во Арсенал.
Постариот брат Тауљант не можеше да се докаже во Базел, па мораше да замине на позајмица во Грасхоперс. Неговите одлични игри во прволигашот вродија со плод, па управата на Базел реши повторно да му даде шанса. Тој и денес е дел од Базел. За репрезентацијата на Албанија тој дебитира во март, 2014 година.
Натпреварот меѓу Швајцарија и АЛбанија во групата А ќе се одигра в сабота со почеток од 15 часот.
Слична ситуација имаше на Светското првенство во Бразил, каде Жером и Кевин Принц Боатенг играа за Германија, односно за Гана.
Покрај браќата Џака на Европското првенство ќе има уште три братски пара – Џордан и Ромелу Лукаку (Белгија), Кори и Џони Еванс (Северна Ирска) и Алексеј и Василиј Березуцки (Русија). Во репрезентацијата на Белгија можеше да има уште еден пар, но селекторот Матс Вилмоц реши да не му даде повик на Торган Азар, помалиот брат на Еден Азар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.