| четврток, 6 декември 2018 |

Поетски портрет на Влада Урошевиќ во поплавениот Париз

Во рамките на фестивалот на кинематографиите на Југоисточна Европа во Париз, во галеријта на престижниот „Ле Палас“, се претстави портретот на познатиот македонски писател, академикот Влада Урошевиќ. За творештвото на Влада Урошевиќ, кое е преведено на повеќе светски јазици, зборуваше Јордан Плевнеш, ректор на Универзитетот за аудиовизуелни уметности – Скопје, и Франсис Комб, поет издавач и добитник на наградата за 2016 година на фестивалот Јие во Париз.

Во присуство на голем број истакнати личности од културниот и образовниот живот од Франција, меѓу кои и светски познатиот поет Адонис, (добитник на Златен венец на Струшките вечери на поезијата), беше претставена обемната поетска антологија на Урошевиќ од неговото петдецениско поетско творештво.

Поесебен акцент на презентацијата ѝ даде насловната страница на книгата „Еден друг град“, каде што е прикажан колаж на авторот Урошевиќ, на кој е прикажана позната катедрала „Нотр Дам“ поплавена. Бидејќи во исто време во Париз имаше големи поплави, интересот во париските книжарници за книгата на Урошевиќ беше голем и доби една актуелна димензија, како илустрација дека поетите се вечните пророци на светот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top