| четврток, 6 декември 2018 |

Осуммина осомничени за кривични дела од коруптивна природа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје

ojo

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција по повеќемесечна оперативна обработка на податоци, прибра докази до степен на основано сомнение за сторени кривични дела со коруптивна природа каде што оштетени се студенти од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје. Осомничени се осум лица, од кои шест се универзитетски професори, еден демонстратор и еден управител на бифе во универзитетскиот комплекс. Лицата се сомничат за сторени повеќе кривични дела за кои ќе се одлучува по спроведената истрага. Освен примање пари, постои степен на основано сомнение дека дел од професорите барале и извршување сексуални услуги заради полагање испит.

Во текот на вчерашниот ден при преземените дејства за прибирање на докази по издадената наредба за претрес, еден од професорите е затечен инфлагранти во извршување на кривично дело – примање на поткуп од 1.000 евра, додека за останатите се обезбедени докази во изминатиот период.

Во моментот предметот е во преткривична постапка. Надлежниот јавен обвинител ја прима кривичната пријава и врши оценка за потребата за примена на мерки за обезбедување на присуство на лица и предмети во текот на постапката, по што ќе донесе мериторна јавнообвинителска одлука за која јавноста навремено ќе биде информирана.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top