Театарот отсекогаш бил голема инспирација за сликарството. Не само што сликарството често пати играло значајна улога во организирањето на сценографиите и амбиентот, да се сетиме само на Пикасо, Миро или Марк Шагал, кои често пати беа интегрирани во авангардните претстави на париската сцена, но исто така, самиот театар, како уметнички феномен бил предмет на интерпретација и тема на бројни сликарски ремек-дела, како оние на Антоан Вато, Дега или Тулуз Лотрек.
Самата изместена реалност и енергијата која блика од театарот, остава голема импресија врз меморијата на гледачот, а посебно на ликовниот уметник кој, фасциниран од сето ова чудоредие, добива порив да го овековечи, да го сублимира овој гејзир од фасцинации во една слика или во цела една серија од ликовни дела.
Така уметностите интерактираат и ја создаваат исклучително сложената мрежа на културниот процес на една нација или регион, сеедно.
Историјата на театарот е многу постара отколку што историчарите на уметноста ја лоцираат во антиката и тоа е една огромна традиција, но уметноста на театарот како да потекнува од праисториските времиња како дел од окултните игри, трансот или, пак, одредени примитивни ритуали, кои се практикувале во духовниот живот, но и во игрите на оние древни култури од неолитот, на пример.
Секој уметник и секој прониклив атнрополог го чувствува ова.
Но веројатно, и покрај ваквата древна традиција, театарот како да доживувал и свои периоди на криза, и овие премрежија биле толку силни, што оваа култна уметност ја доведувале до работ на исчезнувањето. Големите моменти на слава и сјај на театарот, какви што биле во периклеовата Атина, се претвориле во еден брутален и крвав театар, во кој настапувале гладијатори и животни по арените, каква што била и Колосеум во древниот Рим.
Во овој екстремен вид на театар се исцедувало она базично искуство на животот и смртта. Гледачите, соочени со овие сцени паѓале во див занес, а возбудата била екстатична.
Нема пандан во историјата на театарот, кога оваа уметност на човекот, неговите физички и духовни потенцијали не била позиционирана во еден така суров културен амбиент, во еден толку нехуман и бесчувствителен контекст на деилузионирање на уметноста, која произлегува од илузиите, иако реферира на стварноста. Во староримскиот гладијаторски театар актерите гинат на сцената во буквална смисла на зборот. Драмскиот контекст е драконски цврст, а стилот на изведбата сосема непредвидлив. Крвта што се леела по песокот не била никаков визуелен ефект или шминка.
Потоа, во срдениот век, театарот како да исчезна. Но дали е навистина така? Што се однесува до оној народен театар, театарот на полисот, на граѓаните атински или на оние од Рим, на плебсот и патрициите, тој театар во средниот век веќе го немало. Целиот систем бил веќе во голема мера редуциран на мали патувачки групи – скомрахи, кои изведувале некакви кратки претстави, за кои современата наука нема скоро никаква документација и уште помалку хипотези.
Но, да претпоставиме, дека тие народни забавувачи, слично како и во западна Европа – трубадурите, биле патувачки групи на артисти, музичари и акробати, кои ги одржувале своите претстави пред населението во малите градови и селата за одреден материјален надомест.
За разлика од нив, нивните предци од времето на Рим или Атина, биле вистински супер-ѕвезди со илјадници обожаватели.
Овој чуден и понекогаш застрашувачки процес на експанзија и пропаѓање или, ако сакате – експлозија на интерес до фанатизам и тотално спласнување на фиксацијата за одреден културен феномен, како што е театарот, но ова важи и за сите други уметности, досега е многу пати виден во одредени цивилизациски епохи.
Всушност, театарот воопшто не исчезнал, туку тој се преобратил и втопил во религиозните литургии. Но тука тој никако не дошол на непознат терен, туку, напротив, во средниот век и во ерата на теократскиот тоталитаризам во христијанска Европа, театарот се вратил во своите девствени простори, во ритуалното, во спиритуалното, таму, од каде и почнал во зоните на човековата култура, во праисторијата.
Во добата на ренесансата, чии разбудени гении ја славеа антиката како парадигма на цивилизираноста и превземаа од древните науки и уметности сѐ што можеше да се превземе, па така и театарот почна да добива свое посебно место во општеството, полека ослободувајќи се од религиозниот занес и аскетската изолираност.
Така, всушност, почнува современиот театар, кој во ренесансата и барокот доби сосема нов курс по скоро цели два милениума, големите драмски творци од антиката, како Есхил, Еврипид, Софокле и Аристофан, добиле наследници со полн капацитет на генијалноста во Шекспир, Молиер, Расин, а подоцна и Гете, Чехов или Брехт.
Така ова воскресение на театарот, кој денес важи за културен и цивилизациски симбол на било кое хумано општество, е еден голем мотив за уметничка интерпретација, и тоа не само за сликарството, туку и за сите други класични и современи форми на уметничко изразување.
Кај нас, во Македонија, има силен акцент на театарската уметност во последната деценија. Тоа само говори за словесноста на македонската креативна интелигенција, позиционирана во и околу театарот, како уметничка институција и креативна форма.
Сликарството секогаш инстинктивно реагирало на ваквите креативни устреми на свој специфичен начин.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст