| четврток, 6 декември 2018 |

Понатаму, согласно правно-политичкиот поредок

Проф. д-р Јованка Кепеска

Проф. д-р Јованка Кепеска

Следните моменти ги определуваат неминовно одговорите на прашањата што се поставуваат за тоа како понатаму во нашиот развој, во политичката но и, пошироко, во општествената сфера. Најпрво тоа е остварувањето на Пржинскиот договор кој усмерува на предвремени парламентарни избори и нивното фер извршување , но и определување на времето кога изборите ќе се одржат. Особено затоа што во последните јавни искази не се добива впечаток за извесност кога тие можат да се случат.

Во меѓувреме,  додека трајат дебатите и бескрајното одолговлечување на постапките државата, е сосема јасно, дека  не може да го жртвува својот развој, својата стабилизација, својата безбедност. Дотолку повеќе што неизвесноста се однесува и во однос на тоа дали Пржинскиот договор останува валиден, или треба да се прошири, или да се создаде нов договор, како да настанала и некаква нова кризна состојба или затоа што кризната состојба ескалирала. Како што се наметнуваат и прашањата за  длабочината на кризата, односно дали таа е само политичка или, пошироко, општествена, зафаќајќи го севкупниот поредок. А одговорите на поставените прашања притоа се, помалку или повеќе, оптеретени со политичка пристрасност.

Останува, сепак, потребата да се истакне фактот дека Пржинскиот договор е релевантен само да се надмине оваа политичка криза во општеството, значи во даденовиов момент. Севкупните процесите во општеството, без оглед на овој или било кој друг договор, неодложно мораат да се одвиваат согласно уставниот поредок.

Без оглед на тоа дали ќе се создаде нов договор, во формална смисла, или само ќе се определат, и спроведуваат во дело, објективните претпоставки за развојот на земјата, за да се надмине кризата, појдовно е да се ревитализираат нарушените текови во општествениот живот во земјата согласно  уставниот поредок. Иако сме сведоци и на барања кои, со својата радикалност и идеолошка флоскула „за да се сруши режимот“, се усмерени на рушење на уставниот поредок. Како уставниот поредок да е создаван за инцидентна употреба, па и може и да се нарушува. Се наметнува затоа како ургентна потреба функционалното реафирмирање на уставно воспоставениот правно-политички систем и правната држава. Во таа смисла потребно е да бидат насочени и реформите што се вршат во администрацијата, медиумите, правосудниот систем и изборниот систем, така што сите изведени решенија, како актуелна надградба на системот,  да произлегуваат и да бидат во согласност со воспоставениот поредок на демократскиот систем на партискиот плурализам, институционалниот облик на власта и владеењето на правото. И тоа би бил единствениот пат во разрешувањето на противречностите на актуелната криза, колку год таа да има, или не,  длабоки корени. И без оглед на постоечките, за сите познати, инсценирани  ултимативни барања, дезавуацијата на работата на институциите и ништење на изразената народна волја преку избори.

Притоа се поставува и прашањето за тоа кој го има легитимното право да поставува барања во врска со идниот развој на земјата? Бидејќи системот е парламентарен, што значи базиран врз основа на избраните, со народната волја, претставници, на избори, поставувањето и разрешувањето на прашањата на развојот на земјата се одвива во Собранието. Впрочем, и договорот помеѓу парламентарните партии во Пржино, Собранието го преточи, следствено, во законски норми.

Граѓанскиот сектор, во теоријата познати како групи за притисок, во некои системи го практикуваат преку лобирање, има свое значење во извршувањето на влијанието кај званичните избраници во Собранието, околу решавањето на автентични барања. Но влијанието на граѓанскиот сектор, сепак, се остварува согласно афторитетот кој го постигнува со релевантноста на барањата. Граѓанскиот сектор никаде не е формално претставен во системот, како што кај нас, во дадениов момент, се бара да учествува во евентуалниот договор. Граѓанскиот сектор нема претставнички легитимитет во системот на посредна демократија според која  се засновани денешните политички системи и затоа прозвучува како неостварлив повик за непосредна демократија. Настрана од неприфатливото претенциозно, улично, голо, преземање на власта, што, можеби, кај извршителите создава илузија дека се извршува „успешна револуција на прекомпонирање на власта“.

Покрај тоа, објективно не е на дневен ред , туку е и исфорсиран, евентуалниот договор за  реорганизација на државата и редефинирањето на корпусот  национални  прашања.

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top